НАПРЕДУВА ПРОЕКТОТ ЗА ПАТОТ ТЕТОВО – ПРИЗРЕН Николоски информира дека се чекаат податоци од косовска страна за проектирање на тунелот
Вицепремиер Александар Николоски очекува изградбата на овој пат да биде скап со оглед дека треба да се изгради тунел низ Шар Планина.
Задоволен сум од досегашната динамика за изградба на меѓудржавниот пат Тетово – Призрен, а во следна фаза ќе одиме на финансирање, истакна министерот за транспорт и вицепремиер Александар Николоски во одговор на пратеничко прашање поставено од пратеничката Рина Ајдари, во врска со најавената изградба на овој пат.
Ниолоски рече дека во рамки на Јавното претпријатие за државни патишта формирана е меѓуресорска комисија која што работи на изработка на потребната документација, а ја подготвува Градежниот факултет.
– Во условно кажано полесниот дел од проектот работата е завршена, иако проектот е доста комплициран. Сега се побарани податоци од Градежниот факултет во однос на прекуграничниот тунел затоа што идејата е со прекуграничен тунел да се спојат двете држави. Побарани се податоци и од Република Косово затоа што тунелот ќе почнува на наша територија, а ќе заврши на територија на Република Косово и по добивањето на податоците, Градежниот факултет ќе почне со проектирање и на тунелското решение – рече Николоски.
Тој информира и дека е формирана меѓудржавна комисија со претставници од двете држави за развој на овој проект. Во неа има претставници од Министерството за транспорт, од ЈПДП и од Владата на Република Косово.
Николоски рече и дека на средбите што ги има со косовски државни претставници редовно се разговара за овој проект.
-На мојата последна средба со министерот во Солун, која што беше пред три недели, разговаравме за овој значаен проект и утврдивме заеднички активности. Проектот солидно се развива и треба да се знае дека се работи за исклучително комплициран проект затоа што теренот на двете страни е комплициран. Станува збор за Шар Планина и треба да се очекува дека тоа ќе биде скап проект – рече Николоски.
Николоски потсети и на уште два проекти кои треба да се реализираат: автопатот Скопје-Блаце и автопатот кој ќе води од Букојчани до Кичево.
– Сакам да кажам дека потпишавме договор за изградба на автопатот Скопје-Блаце, а за многу брзо време јавноста ќе ја информираме за уште еден многу голем проект за што добивме т.н. „no objection“ (без приговор) од Европската банка за обнова и развој, изградба на уште еден автопат, а тоа е автопатот што ќе води од Букојчани до Кичево, односно автопат кој што треба да го спои автопатот Охрид-Кичево со автопатот Букојчани-Гостивар-Тетово – рече Николоски