📽️ НАД 20 КУЌИ И ПЛЕВНИ ИЗГОРЕА ВО ЧАНИШТЕ Четворица жители побарале помош, пожарникарите се бореле со огнената стихија

Пожарот најпрво избувнал на околу 200 метри пред селото, каде што зафатил сува трева и нискостеблести грмушки, а потоа се проширил кон куќите и плевните.

0

Голем пожар што вчера попладне избувнал во близина на прилепското село Чаниште брзо се проширил кон селото, при што биле опожарени повеќе од 20 куќи и плевни, а четворица жители побарале медицинска помош поради вдишување чад.

Пожарот бил пријавен во 15 часот во ОВР Прилеп, откако Полициската станица за граничен надзор Старавина известила дека огнената стихија избувнала на околу 200 метри пред селото.






Според пријавеното, најпрво гореле сува трева и нискостеблести грмушки на површина од околу три хектари. Силниот пожар, меѓутоа, набргу се проширил кон Чаниште и навлегол меѓу објектите во селото.

Во огнот биле зафатени над 20 куќи и плевни, а поради густиот чад четворица жители морале да побараат помош од екипа на Итната медицинска помош.

Од Територијалната противпожарна единица Прилеп пожарот бил ставен под контрола, по што продолжиле активностите за негово целосно гаснење.

Чаниште се наоѓа во прилепскиот дел на Мариово и е дел од Општина Прилеп. Селото се наоѓа во ридско-планински предел, што дополнително го отежнува гаснењето на пожарите и движењето на противпожарните екипи.

Засега нема официјални информации за точниот број целосно и делумно оштетени објекти, ниту за причината за избувнувањето на пожарот. За овие околности се очекуваат дополнителни информации од надлежните институции.

Случајот е пријавен во полицијата, а се преземаат мерки за расчистување на околностите под кои избувнал пожарот.

Поврзани содржини