НА СЕБЕ НОСЕЛЕ ЗЛАТО ВРЕДНО 1,1 МИЛИОНИ ДЕНАРИ Царината спречи шверца на накит на Богородица
На граничниот премин Богородица спречен е обид за криумчарење златен накит, кој осомничените го сокриле врз себе по купување во Турција.
Царинските службеници на граничниот премин Богородица запленија златен накит вреден 1,1 милиони денари, при што е спречен обид за криумчарење од страна на двајца косовски државјани, соопшти Царинската управа.
Како што информираат од Царината, случајот бил откриен при влез во државата, кога при контрола биле затекнати осомничените лица со скриен златен накит.
Станува збор за четири златни ланчиња со вкупна тежина од 190,6 грама, кои осомничените ги набавиле во Турција, по што ги сокриле носејќи ги на себе и под облеката во обид да ги пренесат нелегално преку границата.
Случајот е предаден на Одделението за истраги при Царинската управа, кое против сторителите поднело кривична пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија.
Од Царинската управа истакнуваат дека ова е 11-та заплена на злато од почетокот на годината, при што вкупно се одземени околу два килограми златен накит. Од нив, четири случаи се регистрирани на граничниот премин Богородица, пет на Меѓународниот аеродром Скопје, и по еден на Табановце и Блаце.
Во девет случаи досега, против 10 лица се поднесени кривични пријави за криумчарење, казниво по Кривичниот законик.