МОЖНИ ЛИ СЕ ДОЛГОРОЧНИ ПОСЛЕДИЦИ ПО ВАКЦИНИРАЊЕТО? Експертите велат не, еве зошто
Единствените пријавени ефекти од вакцина се краткотрајните ефекти, тромбозата и миокардитисот. Телото реагира брзо на вакцината и затоа можни се само кратки, а не долгорочни последици. По неколку недели вакцината целосно се разградува. А, ако имаме предвид дека АстраЗенека предизвикува тромбоза кај шест од милион луѓе, поризично е да останеме невакцинирани.
Ретките и несакани, кратки ефекти од вакцините против коронавирусот се познати, но скептиците велат дека се можни долгорочни ефекти, кои би се јавиле по неколку години од вакцинирањето. Во Германија, дебатата повторно се разгори откако ѕвездата на Баерн, Џошуа Кимих, изјави дека се премислува дали да се вакцинира затоа што нема студии за последиците.
Но, иако подробни студии нема, можеме да направиме процена врз основа на тоа што досега е познато во науката и во статистиките. Статија на Дојче Веле го прави токму тоа и вели дека одговорот е не. Не постојат долги несакани ефекти од вакцината бидејќи вакцината во нашите тела се разградува брзо, за неколку дена до неколку недели. Несаканите ефекти можат да се јават само тогаш, веднаш по вакцинирањето, бидејќи телото брзо реагира, а најчести кратки ефекти се тромбозата и миокардитисот – воспаление на срцевиот мускул.
Според научниците, овие кратки последици се толку ретки, што ризикот да останеме невакцинирани е многу поголем од нивниот негативен ефект. На пример, оксфордската АстраЗенека, за која беше откриено дека предизвикува тромбоза кај луѓе помлади од 60 години, тоа го прави само кај четири до шест лица на милион вакцинирани, велат информациите од австралиските здравестени власти.

АстраЗенека предизвикува тромбоза кај шест од милион луѓе
Предноста на вакцината против ковид-19 е што до денес во светот се инјектирани повеќе од 6,8 милијарди дози – така што дури и ретки несакани ефекти може брзо да се забележат.
– Ова е редок несакан ефект, кој имунолозите го открија дури откако беше воведена вакцината Астра Зенека – вели Ферстер за случаите со тромбоза кај вакцината на АстраЗенека.
Ова вклучува некои тешки случаи на згрутчување на крвта на невообичаени места. На пример, во мозокот, како што е тромбоза на синусната вена.
– Студиите за одобрување на употребата на вакцини може да покажат почести реакции на вакцината, но за жал не и ретките поради релативно малиот број случаи – објаснува имунологот Фалк. Затоа, овој несакан ефект е забележан дури по издавањето на одобрението за употреба на АстраЗенека.
Според австралиските здравствени власти, тромбоза се јавува само кај четири до шест од милион луѓе вакцинирани со овој препарат.
Според германскиот Централен хигиенски институт, повеќето случаи на тромбоза обично се јавуваат две до три недели по вакцинацијата, најмногу кај луѓе помлади од 60 години. Затоа, од април во Германија АстраЗенека се препорачува само за лица постари од 60 години. Ако несаканиот ефект се открие доволно рано, може да се лекува.
Колку време е потребно за вакцината да се распадне во телото?
Постојат два различни типа на вакцини одобрени во ЕУ: mRNA вакцини од Фајзер (Бајонтек) и Модерна и векторски вакцини како АстраЗенека и Џонсон&Џонсон. Ваквите класични вакцини се и рускиот Спутник и кинеската Синофарм.
– Потребни се неколку дена или недели за вакцините целосно да се распаднат и повеќе да не бидат присутни во нашето тело – објаснува Фалк.
Форстер додава дека „нема индикации дека би можеле да се појават подоцнежни реакции“. Бидејќи по неколку недели, речиси и да нема траги од вакцината во телото.
Дали претходните вакцини покажале несакани ефекти по неколку години?
Многу редок несакан ефект е забележан со вакцината против свински грип „Pandemrix“: нарколепсија, болест на спиење. Првично, релативно малку луѓе беа вакцинирани, поради што несаканиот ефект беше откриен неколку месеци подоцна, откако многу луѓе беа вакцинирани.
Овој несакан ефект повремено се јавувал кај деца и млади луѓе на возраст од 4 до 19 години и се јавувал во рок од неколку недели. Врз основа на епидемиолошките студии, се проценува дека два до шест дополнителни случаи на нарколепсија на 100.000 инјектирани вакцини се јавуваат кај деца и адолесценти. Вакцината повеќе не се користи во ЕУ.

Кои најчести ефекти се пријавени кај вакцините против корона?
Познати и многу ретки несакани ефекти на вакцината против коронавирусот, кои Институтот Пол Ерлих ги наведува во извештајот, се миокардитис – воспаление на срцевиот мускул и перикардитис – воспаление на ткивото на срцето. Пријавени се и анафилактички реакции, тромбоза (синусни вени), Гилејн-Баре синдром и тромбоцитопенија.
Сите овие несакани ефекти се толку ретки, што ризикот од инфекција и тешка коронарна срцева болест е многу пати поголем од ризикот од несакани ефекти.
Не постојат долгорочни ефекти од вакцината
Сè на сè, водечките имунолози во Германија генерално ја исклучуваат можноста да заболиме после години откако сме се вакцинирале против ковид-19. Телото реагира на вакцината веднаш или неколку недели подоцна и тогаш може да развие реакции или евентуално несакани ефекти.
Според имунолозите со кои разговараше Дојче веле, долгорочните нуспојави, за кои скептиците стравуваат дека се појавуваат години по првата вакцинација, не се можни и не се познати кај другите вакцини. Тоа е затоа што телото брзо ја разградува вакцината, па таа не може да предизвика никакви последователни реакции.