АМЕРИКА ВЛЕГУВА ВО УКРАИНСКИТЕ РУДНИЦИ Првиот договор тежи 30 милиони долари
Американско-украинскиот инвестициски фонд за обнова склучи договор вреден околу 30 милиони долари, а вкупниот пакет од пет нови проекти достигнува околу 70 милиони долари.
Американско-украинскиот фонд склучи прв голем договор за критични минерали
Заедничкиот американско-украински инвестициски фонд за обнова го склучи својот прв значаен договор за критични минерали, како дел од пакетот од вкупно пет нови проекти вредни околу 70 милиони долари, изјави за Ројтерс висок американски претставник во фондот, пренесува Хина.
Долгоочекуваниот прв договор за критични минерали ќе обезбеди околу 30 милиони долари во „заедничка инвестициска платформа“ со компанијата БГВ груп, основана од милијардерот Хенадиј Буткевич, косопственик на АТБ, најголемиот синџир супермаркети во Украина.
Конор Колман, раководител на инвестиции во американската Меѓународна финансиска корпорација за развој (ДФЦ), изјави дека овие проекти претставуваат показател за поддршката од Вашингтон за Киев во долготрајната војна со Русија.
– За украинскиот народ сега е апсолутно неопходно да се инвестира – рече Колман во интервјуто, осврнувајќи се на Украина која се соочува со уште една зима.
Колман појасни дека платформата за критични минерали првично ќе се фокусира на рударски проекти во рана фаза низ Украина и ќе ги опфаќа наоѓалиштата на метали од ретки земји, ураниум, берилиум и циркониум.
Уште два нови проекти, најавени во петокот, ќе обезбедат поддршка за украинските електроенергетски мрежи и системите за греење, по сè почестите руски напади врз клучната инфраструктура во пресрет на зимата.
Според Колман, едниот од нив претставува дополнување на речиси 100 милиони долари што ДФЦ веќе се согласи да ѝ ги позајми на најголемата украинска приватна енергетска компанија „ДТЕК“ за нов систем на батерии. Тој систем ќе обезбедува резервно напојување до два часа за околу 600.000 украински домаќинства.
Фондот е основан врз основа на договорот за ретки земни минерали, потпишан во април минатата година на иницијатива на американскиот претседател Доналд Трамп, и е насочен кон пет стратешки сектори – од критични минерали и одбрана до енергетика и инфраструктура.