МЕРКАТА КУЌЕН ЗАТВОР ЌЕ ДОБИЕ ЕЛЕКТРОНСКИ НАДЗОР Што содржи Предлог-законот за пробација?

Се воспоставува единствен електронски регистар за лицата опфатени со пробациски мерки, што ќе овозможи континуирано следење и подобра институционална координација.

6

Предлог-законот за пробација претставува значаен чекор кон воспоставување современ, поефикасен и поправеден систем за извршување на санкциите и примена на пробациските мерки, рече министерот за правда Игор Филков на денешната јавна расправа во МАНУ.

Со законот се зајакнува улогата на пробациската служба и се унапредува организациската поставеност на системот за извршување санкции.

– Со ова законско решение воспоставуваме јасен и модерен пробациски систем кој носи три клучни резултати: поефикасно извршување на мерките во заедницата, посилна ресоцијализација на лицата опфатени со санкции и повисоко ниво на заштита на жртвите – рече Филков.

Со предложениот закон, Управата за извршување на санкции добива проширена координациска и надзорна улога, додека Секторот за пробација се позиционира како централен носител на стручните процеси. Се воспоставува единствен електронски регистар за лицата опфатени со пробациски мерки, што ќе овозможи континуирано следење и подобра институционална координација.

Законот воведува проценка на ризик во текот на кривичната постапка, по барање на суд или јавен обвинител, со што се зајакнува стручната основа за носење одлуки и се унапредува примената на алтернативни мерки.

– Во новата правна рамка се вградуваат високи стандарди за човекови права, преку заштита од тортура и нечовечко постапување, недискриминација, заштита на личните податоци и доследна примена на презумпцијата на невиност – нагласи министерот.

Во рамки на законот се воведува и родово сензитивна терминологија, како и проширени основи за еднаков третман, со што дополнително се зајакнуваат принципите на еднаквост и правичност. Посебен акцент е ставен на индивидуалната програма за третман, која ќе претставува основа за персонализиран пристап кон секое лице опфатено со пробациски мерки, со јасно дефинирани цели, активности и времетраење на надзорот.

Новите законски решенија предвидуваат и унапредување на работата на пробациските службеници преку подобри алатки за теренска работа и електронско следење, како и засилена координација со Министерството за внатрешни работи и другите надлежни институции.

Со законот, мерката куќен затвор добива појасна структура преку примена на електронски надзор и јасно дефинирани процедури за постапување во различни ситуации, вклучително и итни медицински случаи.

Во делот на условниот отпуст, се воспоставува заеднички систем за проценка меѓу казнено-поправните установи и пробациската служба, со цел подобра поврзаност меѓу институционалниот третман и ресоцијализацијата во заедницата.

За првпат, законот содржи и посебна глава посветена на жртвите на кривични дела, со конкретни обврски за пробациските служби во насока на нивна заштита, спречување на повторна виктимизација и навремено информирање, особено во случаи на семејно и родово базирано насилство.

– Системот станува поорганизиран, поодговорен и подобро поврзан меѓу институциите. Се поставуваат јасни правила, прецизни надлежности и мерливи процедури за постапување. Резултатот е поголема безбедност за граѓаните, помал ризик од повторување на кривични дела и поефикасна правда што делува во заедницата – рече Филков.

Предлог-законот за пробација е дел од реформските процеси насочени кон модернизација на системот на извршување санкции и усогласување со современите европски стандарди.

Поврзани содржини