МЕРЦ ГО ОДЛОЖИ ТЕЛЕФОНСКИОТ РАЗГОВОР СО ТРАМП Дали не му се допадна честитката до АфД?
Портпаролот на германската влада не ги наведе причините за одложувањето на разговорот, само рече дека не е определен нов датум.
Портпаролот на германската влада изјави дека е одложен телефонскиот разговор на канцеларот Фридрих Мерц со американскиот претседател Доналд Трамп по повод годишнината од нападите врз САД на 11 септември.
Тој не ги наведе причините за одложувањето на разговорот, само рече дека не е определен нов датум.
По победата на десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) во сојузната покраина Саксонија-Анхалт, Трамп на „Трут соушл“ објави: „Популистичката партија во Германија штотуку имаше навистина голема ноќ“.
Трамп не ја именуваше АфД, но асоцијацијата беше јасна.
Тој исто така наведе дека АфД и нејзините поддржувачи се уморни од „апсолутно ужасните правила за имиграција“ на Германија.
„ТИЕ СЕ ВО ПОДЕМ и нема повеќе да толерираат“, потенцира Трамп.
Тој ја заврши објавата со МГГА!, што е кратенка „Да ја направиме Германија повторно голема“ (Make Germany Great Again), како варијација на неговиот слоган „Да ја направиме Америка повторно голема“, познат како МАГА.
Откако Трамп ја презеде функцијата во јануари 2025 година, АфД има поблиски врски со Вашингтон од кога било досега. Претставници на АфД присуствуваа на инаугурацијата на Трамп.
Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, се сретна со копретседателката на АфД, Алис Вајдел на маргините на Минхенската безбедносна конференција во февруари 2025 година. Венс тогаш предупреди дека со исклучувањето на популистичките партии и градењето политички „заштитни ѕидови“ се ризикува да се игнорира волјата на милиони гласачи.