МАНЕВ ЈА ВИДЕЛ ЛОПАТАТА ВО „РЕНОТО“ АМА НЕ ЗНАЕЛ ЗА ШТО Е Не знае ни од каде ја зел Палевски перницата низ која пукал во Вања
Идејата за грабнување луѓе се родила поради недостиг на пари за формирање на партијата, во 2022 година. Палевски им понудил по 150.000 евра, но кога ја грабнале Вања им рекол дека ќе земат околу 20.000 евра.
Второобвинетиот Велибор Манев за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски одговараше на прашања на судијата Ивица Стефановски на денешното рочиште. Тој повтори што се случувало вечерта пред грабнувањето на Вања.
Сабајлето рано тргнале кон Радишани со „рено кангу“ сите четворица. Палевски ги оставил таму, кај пазариштето, го зеле „цитроенот“, кој го возел Манев, до него седел Кешишев, а позади Боре.
– Палевски возеше со „реното“, ние позади и некаде пред зградата тој се издвои и скршна. Знаевме од Палевски дека жената излегува во 7.20 часот. Тој претходно ја следеше, ја набљудуваше и ја сликал таа жена. Една вечер бевме со Палевски пред зградата, да ни го објасни планот и тој ни кажуваше дека нема камери во околината и дека сѐ е чисто – рече Манев.
На прашањето дали направил промена на зимското сметање на времето на 28.10.2023, Манев рече дека никогаш не правел промена на времето.
Откако ја грабнале жената се движеле по трасата која им ја кажал Палевски. Тој возел пред нас и им кажал дека нема полиција. Се движеле по трасата која е снимена со камерите на Сејф сити.
– Како одлучивте земуницата да биде таму каде што е, во Рудник? – праша судијата.
– Претходно Палевски подолго време бараше објект за чување на грабнато лице, но не успеавме да најдеме. Еден ден, во канцеларија, Палевски ми рече, остави го телефонот, да одиме да прошетаме. Излеговме со мојата кола, и ми рече да најдеме место, да ископаме земуница. И така, јас и Палевски заедно го најдовме местото. Ја направивме пролетта, мај 2022 година. Јас и Кешишев ја ископавме. Целта беше грабнати лица да се чуваат во неа. Палевски дојде да ја види и ја одобри – рече Манев.
Тој рече дека кога ги вршеле грабнувањата на жената и на Панче, не носеле мобилни телефони, туку само радиостаници. Манев потврди дека Палевски носел мобилен со кој го сликал девојчето.
– Знаевте ли вие кој е тој телефон? – праша судијата.
– Бројот не му го знаев. Го оставаше по некои запустени места за да не биде во контакт со нашите телефони – рече Манев.
– Кога видовте дека Палевски носи огнено оружје на 27 ноември? – праша судијата.
– Кога ја сликаше. Тогаш го извади од пикапот – рече Манев.
Тој рече дека кога отишле во Радишани со „реното“ да го земат „цитроенот“ видел дека во „реното“ има лопата и копач.
– Искрено, видов. Ама не знаев за што се – рече Манев.
– Значи, сте сакале, да го грабнете Панче, да му ја искористите колата и да го пуштите. И носевте медицински маски и капи? – праша судијата.
Манев потврди.
– Не се посомневавте дека Панче може да ве препознае по гласот или по физиономијата? – праша судијата.
– Не можеше мене да ме препознае, оти јас воопшто не проговорив – рече Манев и додаде дека воопшто не помисли дека може да биде препознаен по изгледот.
Тој рече дека моторолите ги набавил Палевски преку интернет.
– Во тој момент мотороли имавме Влатко, Палевски и јас. Боре немаше. Јас пријавив дека е готово, Влатко слушна, Палевски му кажа да ја паркира колата пред влезот од зградата – рече Манев.
Тој го опиша ранецот во кој биле моторолите и огненото оружје – тоа бил син ранец со една прерамка, не многу голем.
– Кажете ми за перничето? Од каде е? – праша судијата.
– Не знам од каде го зеде Палевски. Тука имаше големо ѓубриште. Не видов од каде го зеде. Само видов дека приоѓа со перница и со пиштол – рече Манев и додаде дека не знае дали тоа перниче претходно го возеле со себе, ниту кој го преместил „цитроенот“ во Радишани.
– Како се роди идејата за грабнување? – праша судијата.
– Поради недостиг на пари. Во 2022 година. Требаше да се формира партијата. Палевски тогаш понуди голема сума пари, рече по 150.000 евра. Но, кога ја грабнавме жената и кога видовме дека не е таа, ни рече дека ќе земеме околу 20.000 евра – рече Манев.
– Требаше и други луѓе да грабнете? – праша судијата.
– Се двоумеше меѓу ексдиректорот на Гранит и ќерката на фармацевтот – рече Манев.
– Едно лице требаше да грабнете? – праша судијата, а Манев потврди.
Тој не беше сигурен од каде се лопатите, но претпоставува дека Палевски ги купил.
– Што не ви беше јасно по убиството на Панче, па продолживте по планот да грабнете жена? – праша судијата.
– Не ми беше нејасно. Но откако го отепа Панче, Палевски ме уцени дека пред мои очи ќе ми ја убие фамилијата и мене. Тоа го повтори и по втор пат, кога се вративме во канцеларијата – рече Манев и додаде дека пред грабнувањата немал закани од Палевски.
Манев потврди дека при грабнувањето на жената носеле ракавици за да не остават траги и отпечатоци. Тој го имал видено женското лице кое требало да го грабнат само на слика.
– Видов женска личност, висока, слаба, со долга коса, како се симнува по скалите од влезот на зградата. Втора слика видов како се движи по тротоарот. На трета слика жената беше во возило – опиша Манев.
Тој не знае дали Палевски им се заканувал на Боре и на Влатко.
– Не сум слушнал такво нешто. Мене ми се закани да внимавам како се однесувам, да не ја растурам групата што ја составил – рече Манев.
Тој додаде дека не се разбира во оружје и знае само дека пиштолот бил во црна боја.
– Палевски ми се јави кога замина, рече дека ќе оди во Москва, а потоа пак ми се јави по 10 минути, дека оди во Истанбул, Турција. Утрината, стасал и не успеал да најде куќа под кирија, ми се прејави да му дадам некој од моите пријатели за да му најде куќа – рече Манев.
– Кога ви се јави за ранецот со пиштолот и моторолата? – праша судијата.
– На 30 ноември вечерта, кога заминуваше за Истанбул. Три-четири пати ми се јави таа вечер. И од телефонот на Стефан Димковски ми се јавуваше. Палевски ми се јави и ми рече да ѝ кажам на таа личност ако ранецот е кај него, да го уништи. Да појаснам дека човекот претходно го има земено ранчето од канцеларијата, а Палевски мене ми се јави за да му се јавам на човекот за ранецот и да му кажам да го исфрли и да го уништи. Јас не знаев дека ранецот е претходно земен од канцеларијата – рече Манев.