МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК Е ЕДЕН ОД СТОЛБОВИТЕ ВРЗ КОИ СЕ ГРАДИ НАШАТА ЗАЕДНИЧКА ДРЖАВА Честитка од претседателот на Собранието Африм Гаши

Во едно мултиетничко општество како нашето, почитувањето на јазиците и културите на сите заедници е темел на кохезијата и соживотот - вели Гаши во својата честитка.

44

Македонскиот јазик претставува еден од столбовите врз кои се гради нашата заедничка држава. Покрај тоа што овозможува комуникација, македонскиот јазик е и средство за институционално функционирање и службена комуникација во нашата земја, вели претседателот на македонското Собрание Африм Гаши, во својата честитка со која, во име на Собранието на Република Северна Македонија и во свое лично име, им го честита на македонските граѓани Денот на македонскиот јазик.

„Како посебен јазик во групата на јужнословенските јазици, македонскиот јазик успеа да биде развиен јазик на книжевноста, образованието, науката и културата. Покрај тоа, како дел од Балканскиот јазичен сојуз, македонскиот јазик, заедно со албанскиот и другите јазици, создадоа уникатни особености што придонесоа за оформување и на нова лингвистичка дисциплина, каква што е балканистиката.

Во едно мултиетничко општество како нашето, почитувањето на јазиците и културите на сите заедници е темел на кохезијата и соживотот. Промоцијата на македонскиот јазик оди паралелно со нашата посветеност да ги гарантираме јазичните права на секој граѓанин, градејќи мостови на разбирање и меѓусебна почит.

Собранието останува посветено на унапредување на институционалните стандарди и спроведување практики што гарантираат јасна, ефикасна и одговорна комуникација.

Да продолжиме заедно да работиме на зачувување, збогатување и промовирање на македонскиот јазик, како и на зајакнување на единството и хармонијата во нашата земја.

Поврзани содржини