ЛИТВАНСКИ ПОРТАЛ ОБЈАВИ ЛИСТА НА 10 НАЈЗДОДЕВНИ ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ Некои корисници се согласиле, други се разгневиле
Идиотска статија која се состои од мислења на идиоти кои очигледно немаат доволно остроумност да истражуваат што да прават во градот што планирале да го посетат, напишал еден корисник во коментар на листата, објавена од порталот „Борд Панда“.
Познатиот литвански портал Борд панда (Bored Panda) објави листа на 10 „најздодевни градови“ во светот, врз основа на критиките на корисниците на социјалната платформа Редит (Reddit). На листата се наоѓаат метрополите, коишто некои ги опишуваат како „места без душа“.
Туристичката атракција на Обединетите Арапски Емирати – Дубаи, во таа смисла, се најде на врвот. А пак, Доха (Катар), Сиетл и Скрентон (САД) го поделија второто место. И покрај тоа што имаат значајна економска улога, градовите како Дубаи и Доха честопати се критикувани поради недостигот на „културна содржина“ и постои впечаток дека изгледаат „вештачки“ во живо.
Листата најздодевни места продолжува со американските градови: Хјустон, Орландо, Индијанаполис и Детроит, по коишто следат Милтон Кејнс во Обединетото Кралство и финскиот главен град Хелсинки – посочувајќи дека современото урбанистичко планирање и ефикасност не гарантираат привлечно искуство за туристите.
Мислењата се поделени: Некои апсолутно го поддржуваат изборот, а други ја оспоруваат листата. Се чини, секој го доживува градот зависно од своите лични афинитети и интереси.
„Сум бил на доволно места за да сфатам дека неколку се всушност уникатни. Градовите и населбите се интересни само онолку колку што вие ги правите. Исто така зависи од вашите желби“, напишал еден корисник. „Идиотска статија која се состои од мислења на идиоти кои очигледно немаат доволно остроумност да истражуваат што да прават во градот што планирале да го посетат“, напишал друг корисник.