КУБА Е СЛЕДНА? Пентагон забрзано подготвува воена интервенција, Кремљ е против каков било притисок врз земјата
САД и Куба потврдија дека се во рана фази од обидите да најдат излез од кризата, но не е јасно колку отстапки е подготвена да направи секоја страна.
Пентагон забрзано развива планови за можна воена операција на Куба во случај американскиот претседател Доналд Трамп да издаде наредба за интервенција, дознава Ју-Ес-Еј Тудеј.
Станува збор за конкретни воени подготовки што би можеле да се активираат на краток рок, изјавија два извори запознаени со планирањето, зборувајќи под услов на анонимност бидејќи не се овластени да зборуваат со медиумите.
Ваквите директиви би претставувале ескалација на тензиите меѓу САД и Куба што почнаа во јануари, кога администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги намали испораките на нафта за Куба, како дел од пошироката кампања за притисок врз комунистичката влада на островот.
Ју-Ес-Еј Тудеј контактираше со Министерството за војна на САД и Јужната команда на САД за коментар на овие тврдења, но не доби одговор.
Но, Пентагон одговори на прашањето од руски медиуми дали САД планираат воена операција против Хавана. Министерството посочи дека нема да коментира „хипотетички сценарија“, но потврди дека постојат различни оперативни планови што би можеле да бидат активирани во случај да биде потребно.
Информациите за можни планови за ескалација прво беа објавени на платформата Substack на порталот Zeteo, по што се проширија низ политичките кругови во Вашингтон.
САД и Куба потврдија дека се во рана фази од обидите да најдат излез од кризата, но не е јасно колку отстапки е подготвена да направи секоја страна.
Ју-Ес-Еј Тудеј објави во март дека двете земји разговараат за можен историски економски договор што би можел да ги намали тензиите.
И покрај тоа што фокусот на администрацијата на Трамп во последните недели се префрли на војната со Иран, тензиите меѓу Вашингтон и Хавана дополнително се зголемија. Трамп неодамна посочи дека очекува наскоро да „има чест да ја земе Куба, во некоја форма“, додавајќи: „Без разлика дали ќе ја ослободам или ќе ја земам – мислам дека можам да правам што сакам со неа“.
– Можеби ќе застанеме на Куба кога ќе завршиме со ова – изјави Трамп завчера во Белата куќа, осврнувајќи се на конфликтот со Иран.
Кубанскиот претседател Мигел Дијаз Канел вели дека САД немаат никакво оправдување за воена интервенција или обид за негово соборување од власта.
– Ќе се бориме, ќе се браниме и ако паднеме во битка, умирањето за нашата земја значи живот – рече тој во интервју за „Њузвик“.
Тензиите дополнително се зголемија откако тајната американска операција на почетокот на јануари, со која поранешниот претседател Николас Мадуро беше извлечен од Венецуела, ја шокираше кубанската дијаспора и предизвика шпекулации дека Куба би можела да биде следната цел.
Во операцијата беа убиени 32 кубански војници кои го чуваа Мадуро, што предизвика стравувања од поширок регионален конфликт.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија е против каква било форма на притисок врз Куба.
– Куба е долгогодишен партнер и пријател на Русија. Не би сакале да видиме инвазија, блокада или каков било друг притисок врз таа земја – изјави Песков.
Тој додаде дека Москва нема да ги коментира геополитичките цели на САД, нагласувајќи дека тие прашања се во надлежност на американското раководство.
САД размислуваат за воена интервенција во Куба со децении, што датира од 1959 година, кога комунистот Фидел Кастро ја презеде власта и ја поврза земјата со Советскиот Сојуз.
Најновата криза е влошена поради блокадата на снабдувањето со нафта од страна на САД, што ја втурна кубанската економија во длабока енергетска и економска криза и ги засили политичките тензии на островот.