Време е државниот јавен обвинител на Венко Филипче да му каже да се скурдепса

Обвинителот нека го послужи со кафе, нека го праша кои се намерите на Венковиот глас што допира до органите на прогонот, нека му објасни на лидерот кои одредби од нашето кривично законодавство не дозволуваат вакво поведение и ваков третман на седмата сила и нека го предупреди на последиците во иднина.

1,509

Им упатувам јавна поддршка на медиумските работници од Телевизија Алфа, а посебно на младиот колега Матеја Петровски, кој мораше да ги прими и да ги пренесе непристојните и заканувачки зборови на Венко Филипче, искажани на последната прес-конференција на СДСМ.

Многу добро знам како е да си таргет на голема политичка партија и на нејзината пропагандна машинерија. Сум го искусил тоа повеќе пати во мојата новинарска кариера. Не е пријатно, дури и кога човек тоа ќе го доживее на возраст кога е свесен дека влијанието во јавноста и новинарската слава имаат своја цена. Висока цена, која мора беспоговорно да се плати.






Последно такво непријатно искуство пред неколку месеци имав имено со Венко Филипче и со неговиот штаб за комуникации со јавноста. Влегов во таа битка со бруталните атаци на камарилата на СДСМ и ја добив, иако никогаш не посакував од другата страна на нишанот да ми биде токму докторот Филипче. За кого сè уште можеби негувам презумција на пристојност и надеж дека во последен момент ќе одлучи да се скурдепса.

Иако, за жал …

Поради причини кои сè уште не ми се јасни – за разлика од неговите претходници во СДСМ, но и за разлика од некои други политички лидери кои во минатото оркестрирале напади и кампањи врз новинари и врз медиуми, користејќи главно услуги на „подизведувачи“ на валканите работи – Венко Филипче лично ги води тие атаци.

Ама најлично што може.

И се чини дека ужива во тоа. Ужива да се умаца во алето на највалканата пропаганда. Тоа може да се забележи и од неговите гестикулации и од тоа како ја менува бојата на тонот, како инфантилно ја оддава својата чудна злоба.

Како и да е, мислам дека е разумен и конструктивен предлогот на Македонската асоцијација на новинари, што ќе го поддржам во малку видоизменета форма – државниот јавен обвинител да си го повика Венкота Филипче на еден пријателски службен разговор. Нека го послужи со кафе, нека го праша кои се намерите на Венковиот глас што допира до органите на прогонот, нека му објасни на лидерот кои одредби од нашето кривично законодавство не дозволуваат вакво поведение и ваков третман на седмата сила и нека го предупреди на последиците во иднина.

Накусо, нека му објасни шчо напраил и шчо треба да напраи за однапред …

И нека се заврши на тој муабет. Ништо повеќе и ништо помалку од тоа.

Луѓе сме, ќе ја разбереме еуфоријата на еден октроиран политички лидер кој никако не може самиот да победи на избори, па кутриот се радува на победата на Петер Маѓар во Унгарија, додека неговата партиска аналитика нема елементарни информации за значењето и за дострелите на таа политичка промена во Будимпешта.

Нема да му се налутиме многу, но не можеме да ги прифатиме ваквите груби цензорски таргетирања и атаци врз медиуми и врз новинари, тие никулци на еден автократски дух и на диктаторски манир на човек кој уште не стасал вистински да „помириса“ власт.

Македонија е млада, но веќе консолидирана демократија. Ваквите испади нема да поминат. Па макар утре Филипче „победил“ во Србија, во Русија, во Америка и Енглеска, биќе земља пролетерска … Вака овде дома не може да победи ни на избори за претседател на куќен совет.

Јасно ли е ова, другарчиња од Бихаќка?

Поврзани содржини