„ЗНАМ КОЈ ВИ БЕШЕ КУМОТ ВО ВРСКАТА СО ОРБАН“ Новиот премиер на Унгарија го разлути Вучиќ
Маѓар најави дека детално ќе биде истражен инцидентот со пронајдениот експлозив кај гасоводот „Турски тек“ и дали е целиот случај исконструиран за политичко влијание пред гласањето во Унгарија.
Петер Маѓар, победникот на неодамнешните избори во Унгарија, кој стави крај на 16-годишното владеење на Виктор Орбан, отворено изрази сомнеж дека инцидентот со пронајдениот експлозив кај гасоводот „Турски тек“ во Србија бил операција под „лажно знаме“, темпирана токму за изборната кампања.
Маѓар најави дека неговата идна влада детално ќе истражи дали навистина постоела реална опасност или целиот случај бил искористен за политичко влијание пред гласањето во Унгарија. Тој отиде и чекор подалеку, алудирајќи на руско влијание во регионот, изјавувајќи дека точно знае каква е поврзаноста меѓу Орбан, словачкиот премиер Роберт Фицо и српскиот претседател Александар Вучиќ, како и дека „отприлика знае кој е кумот“ зад тие односи. Во европските дипломатски кругови, ова веднаш беше протолкувано како директна алузија на Владимир Путин.
Реакцијата од Белград беше брза и остра. Српскиот претседател Александар Вучиќ јавно го повика Маѓар да ги презентира доказите.
– Ајде, кажи кој стои зад тоа, кој кумува – му возврати Вучиќ, оценувајќи дека новиот унгарски лидер само нагаѓа и нема поим што зборува. Вучиќ додаде дека неговите изјави би ги нарекол уште понеодговорни „или глупави“, доколку не водел сметка за добрососедските односи и унгарското малцинство во Србија.
Српскиот претседател најави дека истрагата ќе биде завршена транспарентно и дека наодите ќе докажат оти Маѓар се базира на гласини, а не на факти. Според него, истрагата утврдила многу работи.
– Ќе продолжиме и ќе ја завршиме истрагата на многу професионален начин, со која Маѓар нема апсолутно никаква врска, но ќе го информираме и ќе му укажеме дека грешел кога брборел за тоа како некој нешто наместил на изборите. Верувам дека во наредниот период ќе разговараме и ќе можеме да си кажеме што мислиме еден на друг во лице – рече Вучиќ во гостувањето на Дневник 2 на РТС.
Случајот започна на 5 април, кога српските власти открија две торби со силен експлозив и детонатори кај Кањижа, во близина на „Турски тек“. Виктор Орбан веднаш свика итен совет за одбрана, претставувајќи го инцидентот како обид за саботажа. Но, уште тогаш, дел од безбедносните аналитичари и унгарската опозиција предупредија на сомнителниот тајминг на настанот.
Аналитичарите оценуваат дека овој судир покажува оти регионот влегува во нова политичка ера, каде старите сојузништва на оската Орбан-Вучиќ-Фицо ќе бидат ставени под силна лупа, а руското влијание на Балканот ќе биде подложено на строг ревизионизам.