ФОТОГРАФОТ БОБИ КУЗМАНОВСКИ НАПРАВИ ПРВА ФОТОГРАФИЈА НА СОНЧЕВАТА АНАЛЕМА НАД СКОПЈЕ Проектот траел 365 дена, секој ден во исто време на исто место

Конечната фотографија е кулминација на едногодишен проект за документирање на патеката на Сонцето над Скопје. Кузмановски фотографирал секој ден во 14:50 часот.

329

Македонскиот фотограф Боби Кузмановски за првпат направи сончева аналема над Скопје. Уникатната фотографија ја објави вчера на неговиот профил на Фејсбук.

– Сончева аналема е онаа убава крива во облик на бројот 8 која настанува кога ќе го фотографираш Сонцето секој ден, во исто време, цела година. Сакав да направам своја верзија, но со препознатливата панорама на Скопје во позадина, и така да ја создадам првата сончева аналема сликана од македонски автор на македонско тло – објаснува тој.

Конечната фотографија е кулминација на едногодишен проект за документирање на патеката на Сонцето над Скопје. Проектот бара дисциплина и трпеливост. Кузмановски фотографирал секој ден во 14:50 часот.

– Временските услови во голема мера ми излегоа во пресрет. При делумна облачност, магла или тенки слоеви на провидни облаци сепак сликав, бидејќи ми требаше само точната позиција на Сонцето на небото, а не остра или совршено направена фотографија. Само три пати облачноста беше толку густа што сликањето беше невозможно. Тие три позиции се претставени на финалната фотографија преку Сонце со послаб интензитет – вели тој.

Единствено прилагодување било потребно при преминот од летно на зимско сметање на времето.

– Сонцето не го следи нашето поместување на часовникот, туку се движи според универзалното време (UT) и не знае дека ние ги поместивме стрелките за еден час. Па така јас го поместив фотографирањето за еден час и наместо во 14:50 сликав во 13:50. Така останував во чекор со Сонцето, а не со часовникот. Во март, кога се вративме на летно сметање на времето, сликањето се врати на 14:50 – вели Кузмановски.

Позанавачи коментираат дека сликањето на сончевата аналема е еден од потешките астрофотографски потфати зашто бара 365 дена работа и прецизност за да се добие една фотографија. Вакви фотографии се ретки во светот, но Боби Кузмановски успеа да ја направи првата во Скопје и во Македонија.

Поврзани содржини