ЌЕ НАРАЧАМЕ МНОГУ ОРУЖЈЕ НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ Вучиќ вели дека ситуацијата на Балканот е „посложена“

Претседателот на Србија оцени дека ситуацијата на Балканот е посложена отколку во јануари. Како причина ги наведе активностите на Тирана, Загреб и Приштина кои потпишаа договор за меѓусебна воена соработка.

1,846

Претседателот на Србија Александар Вучиќ најави дека во наредните денови ќе бидат потпишани важни договори за набавка на оружје, без да открие детали за типот на опремата.

– Во наредните денови ќе потпишеме големи и важни договори за понатамошна набавка на оружје. Направивме големи нарачки – изјави Вучиќ додавајќи дека посветеност на Србија за мир не се променила.

Србија се подготвува за нов бран вооружување, во време кога тензиите во регионот повторно се зголемуваат.

„Посложена безбедносна слика“

Вучиќ оцени дека ситуацијата на Балканот е посложена отколку во јануари. Како причина ги наведе активностите на Тирана, Загреб и Приштина кои лани потпишаа договор за меѓусебна воена соработка со прва заедничка воена вежба меѓу трите армии во Албанија.

Реториката меѓу Белград и Загреб особено се разгори по изјавите на Вучиќ во март дека Србија ќе купи балситички ракети С-400 од Кина по „поволни цени“.

„Армија со роботи и дигитализација“

Српскиот лидер најави и модернизација на армијата. Во фокус се роботизација и дигитализација на воените капацитети.

Ова се гледа како обид за технолошко засилување на одбраната. Во последните месеци, Белград ги обвинува Хрватска, Албанија и Косово за создавање воен сојуз.

Овие земји постојано го негираат тоа, нагласувајќи дека станува збор за соработка, а не за алијанса.

Република Српска е загрозена од договорот?

Лидерот на Република Српска Милорад Додик ја поддржа позицијата на Србија.

– Договорот (на Хрватска, Косово и Албанија) е насочен против српскиот народ и ја нарушува безбедноста во регионот – изјави Додик.

Тој додаде дека Република Српска се чувствува загрозена.

Поврзани содржини