КРИВИЧНИ ЗА ЧЕТИРИТЕ МАЛОЛЕТНИЧКИ ОД ЃОРЧЕ По насилството врз 13-годишното девојче, ќе одговараат и родителите
Два одделни напади врз 13-годишно девојче биле снимени и објавени на социјални мрежи, полицијата најавува пријави и за родителите
Четири малолетнички од Скопје се соочуваат со кривична пријава поради насилство врз 13-годишно девојче во скопската населба Ѓорче Петров, откако два одделни инциденти биле снимени и објавени на социјалните мрежи.
Според информациите од полицијата, станува збор за една 17-годишна и три 14-годишни девојчиња, кои на 27 и 30 март физички ја нападнале жртвата. Снимките и фотографиите од нападите дополнително ја вознемирија јавноста откако се појавија на интернет.
Од СВР Скопје информираат дека против малолетничките е поднесена кривична пријава за „насилство“, а случајот веќе е доставен до Основното јавно обвинителство Скопје. Постапката се води согласно Законот за правда за децата.
Во меѓувреме, полицијата најавува нови чекори.
„Во текот на утрешниот ден ќе биде поднесена кривична пријава и против родителите на инволвираните малолетници“, информираат од СВР Скопје.
Случајот повторно ја отвори темата за врсничкото насилство и улогата на социјалните мрежи во неговото ширење, особено кога ваквите инциденти се снимаат и јавно се објавуваат.