📽️ КОЈ ГО ПОГОДИ МАНАСТИРОТ СТАР 1.000 ГОДИНИ ВО КИЕВ? Москва впери прст кон ракетите „Патриот“

Русија ги отфрли обвинувањата дека го оштетила Киевско-печерскиот манастирски комплекс за време на утринските напади врз Украина. Москва тврди дека штетата ја предизвикале украински противвоздушни ракети од американскиот систем „Патриот“.

264

Русија денес категорично ги отфрли обвинувањата дека нејзините сили го погодиле Киевско-печерскиот манастир, едно од најзначајните православни светилишта во Украина. Наместо тоа, Москва тврди дека штетата била предизвикана од украинска противвоздушна ракета.

Според руското Министерство за одбрана, за оштетувањето на 1.000-годишниот манастирски комплекс биле одговорни ракети од системот „Патриот“, кои ги користи украинската армија.






„Очигледна лага“

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ги нарече обвинувањата против Москва „очигледна лага“.

„Се подготвува уште еден фалсификат“, соопшти Захарова, обвинувајќи ги Украина и западните земји дека ја искривуваат вистината за настанот.

Таа оцени дека руското Министерство за одбрана веќе дало точно објаснување за причините за оштетувањето на манастирот.

 

Москва возврати и кон Макрон

Во истото соопштение, Захарова го обвини францускиот претседател Емануел Макрон и други европски лидери дека пребрзо ја осудиле Русија.

Според неа, истите политичари не реагирале на украинските напади врз објекти на Крим, каде што, според руските тврдења, бил оштетен студентски дом и уништено вредно уметничко дело во музеј.

Украинската страна претходно соопшти дека манастирскиот комплекс бил оштетен за време на руските напади врз Киев. Независна потврда за причините за оштетувањето засега не е објавена.

Киевско-печерската лавра повеќе од девет века претставува едно од најсветите места на православието. Манастирот, основан во 11 век, преживеал војни, опсади, револуции и политички превирања, оставајќи длабока трага во историјата на Украина и на целиот словенски православен свет.

Комплексот е под заштита на УНЕСКО и се смета за еден од највредните историски и духовни споменици во Европа.

Поврзани содржини