КОЈ ЌЕ ГО ВРАЌА ЗАЕВ ВО ПРЕМИЕРСКАТА ФОТЕЛЈА? Не смеат да си играат играчки, СДСМ е пред харакири!
Тешко дека некој во СДСМ ќе се нафати да влета во спасувачка мисија на лидерот Заев, напротив, партиската хиерархија, ги разбранува мечтите, амбициите, па веќе наголемо се плетат комбинации дека СДСМ може да ја води и Сања Лукаревска, директорката на УЈП во заминување која е заменик претседателка на социјалдемократите.
Можно ли е премиерот во оставка Зоран Заев, да се врати во премиерската фотелја во случај на таков потег да го повлече парламентарното мнозинство, откако тој ќе ја депонира оставката во Собранието? Ова прашање исто така се врти во аналитичкиот барабан во кој се споменуваат дури и персонални решенија за наследник на Заев како премиер, но и лидер на СДСМ, еден ден по неговата оставка, откако СДСМ преживeа катастрофален пораз на локалните избори.
Откако беше реизбран Заев по речиси седум месеци, тој направи толку многу погрешни чекори, кои резултираа со историски дебакл на СДСМ при изборот на новата локална власт, што е речиси невозможна мисија, било кој, а најмалку парламентарното мнозинство да го враќа во изветвената фотелја која тој заедно со неговиот тим ја прокоцка. Сепак, од друга страна пак, извори од врвот на партијата, велат дека е прерано да се зборува за наследник на Заев во премиерската фотелја, кој впрочем и при образложението на својата оставка не кажа дека е неотповиклива, па може да се случи мнозинството во Собранието да му каже „не“ на премиерот во оставка и да побара трета сесија со Заев.
Извори од СДСМ, велат дека, вакво сценарио, не е невозможно, но тоа би значело харакири за партијата која прилично се посрамоти со непотребните калкулации околу оставката на министерот Венко Филипче по трагедијата во тетовската болница и лошото менаџирање со здравстената криза. Или пак со несудената оставка која заслужено требаше да ја даде министерката Мила Царовска кога дилетанстски влета во реформи кои немаа врска со образованието. Така што реприза на тој лош филм околу оставките во СДСМ, би бил погубен за партијата која уште долго нема да може да се опорави од изборниот пораз.
Сепак, ваквите пораки на социјадемократите кои реално го анализираат постизборниот јазол, како да не стасуваат до сите – на социјалните мрежи, упорно се постира постизборен плакат, на кој го молат херојот Заев, да не дава оставка.
Додека на социјалните мрежи некои сечат вени за премиерот Заев, во партиската кујна се отвораат големи апетити за фотелјата на Заев. Статутот на СДСМ не остава многу простор за губење време – вонредни внатрепартиски избори треба да се распишат во рок од 15 дена од престанокот на функцијата. Тешко дека некој во СДСМ ќе се нафати да влета во спасувачка мисија на лидерот Заев, напротив, партиската хиерархија ги разбранува мечтите, амбициите, па веќе наголемо се плетат комбинации дека СДСМ може да ја води и Сања Лукаревска, дирекорката на УЈП во заминување која е заменик претседателка на социјалдемократите. Во контекст, на наследник на премиерот Заев се споменува и името на потпретседателот Фатмир Битиќи, на кого се смета како на човек кој би можел да ја менаџира енергетската криза кон која чекори Македонија.
Кога во врска со оваа комбинаторика денеска побаравме изјава од министерот Битиќи, кој смета дека е небагодарно, но и прерано да се зборува за тоа, затоа што во игра се повеќе сценарија за разрешување на постизборната ситуација, по оставката на Заев. Секако. во овој контекст не е исклучена и варијантата парламентарното мнозинство да одигра своја улога во разврската. Но, законодавецот, го растура овој кадар од филмот за враќањето на Заев, затоа што, како што ни објаснија собраниски извори, откако Заев ќе ја депонира оставката пратениците само ја констатираат, нема простор ниту за какулации, ниту за дополнителен срам на СДСМ, во случај некој да се дрзне да бара враќање на премиерот.
Во рок од десет дена, откако ќе биде констатирана оставката на Заев, претседателот Стево Пендаровски треба да му даде доверба на нов мандатар за формирање влада. Уставот е јасен и прецизен.