КАЗНИ И ЗА МОТОЦИКЛИСТИТЕ КОИ НЕ НОСАТ КАЦИГА Тошковски најави дека оваа новина ќе се воведе по пат на вештачка интелигенција

Според министерот за внатрешни работи, превентивните мерки и засилените контроли веќе даваат видливи резултати. За девет месеци од годинава тој рече дека има намалување на загубените човечки животи во сообраќајот за околу 30 отсто во споредба со истиот период минатата година.

1

Возачите на мотоцикли што управуваат без заштитна кацига наскоро ќе бидат автоматски детектирани и казнувани преку системот „Безбеден град“. Оваа новина, која ќе биде воведена со помош на технологија со вештачка интелигенција, ќе има за цел да ја зголеми безбедноста на патиштата и да ги заштити животите на мотоциклистите и на другите учесници во сообраќајот.

Ова го истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски при денешната посета на фестивалот „Мото Илинден урбан драјв“, кој од 1 до 4 октомври се одржува на паркингот пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.






-Љубовта кон моторите, адреналинот и слободата што ја носи мотоциклизмот секогаш мора да одат заедно со одговорноста. Кацигата и заштитната опрема, почитувањето на ограничувањето на брзината и сообраќајните правила не се формалност, тие спасуваат животи – рече Тошковски.

МВР, како што велат оттаму, спроведува и засилени акциски контроли на терен за возачите на мотоцикли и мопеди. Контролите се насочени кон брзината, соодветната возачка дозвола и носењето заштитна опрема.

Според министерот Тошковски, превентивните мерки и засилените контроли веќе даваат видливи резултати.

За девет месеци од годинава тој рече дека има намалување на загубените човечки животи во сообраќајот за околу 30 отсто во споредба со истиот период минатата година.

Рече дека е регистриран и значителен пад на бројот на сообраќајни незгоди и повреди, вклучително и кај мотоциклистите.

-Овие резултати не се само бројки. Зад секоја бројка стои човечки живот, семејство и нечија иднина. Безбеден град, засилените контроли, едукацијата и, пред сè, одговорното однесување на граѓаните покажуваат дека можеме суштински да ја промениме сообраќајната култура. Нашата цел е јасна – помалку незгоди, помалку повредени и што е можно помалку загубени човечки животи – рече Тошковски.

Инаку, системот „Безбеден град“ од крајот на август почна да ги детектира и мотоциклите што возат со брзина поголема од дозволената. На првиот ден од примената МВР рече дека биле констатирани девет прекршувања за недозволена брзина.

 

Поврзани содржини