ФРАПАНТНО Е НАМАЛЕН БРОЈОТ НА ЖРТВИ ВО СООБРАЌАЈОТ Најмалку се гинело за време на конфликтот во 2001 и на короната во 2021 година, кога не се возело
Ако лани сме имале 110 жртви за првите 10 месеци, оваа година за истиот период имаме 33 помалку. За 19% е намален број на повредени лица, а за 30% е намалена материјалната штета, рече министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски кој им се заблагидари на граѓаните што ја менуваат сообраќајната култура.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски искажа благодарност до македонските граѓани за покажаното европско однесување, како што рече, дури и поевропски и од самите Европјани во одредени делови, поради постигнатите резултати со системот Безбеден град.
– Ако лани сме имале 110 жртви за првите 10 месеци, оваа година за истиот период имаме 33 помалку. Тоа е фрапантен резултат, фрапантна бројка. Околу 30% имаме зачувани човечки животи и навистина, повторно им благодарам на сите учесници во сообраќајот, а тоа во најголем дел се македонски граѓани, иако низ Македонија транзитираат и добар дел странци. И не е само бројката на човечки животи. Имаме за 19% намален број на повредени лица во споредба со претходната година за истиот временски период. Намалена е и материјалната штета, за околу 30%. Тоа се фрапантни бројки, неспоредливи – рече Тошковски во гостување на Радио Лидер.
Тој додаде дека според анализите за периодот од независноста на Македонија до денес, најмал број загинати лица во сообраќајни несреќи имало во 2001 година за време на конфликтот, кога не се возело.
– Втора најмала бројка е 2021 година, за време на короната, повторно кога не се возило. Тогаш вкупната бројка на загинати е 116 луѓе. Инаку, во овие 35 години имаме и бројка од 198 лица кои годишно загинале на патиштата во Македонија – рече Тошковски.
Страшно полоши сме од европските бројки, додаде.
– Ако кај нас просек би било некаде околу 80-тина жртви на милион жители, во Европа тој број е околу 40. Но, ако вака продолжиме и со имплементирање на проектот Безбеден град и со имплементирање на сите оние паметни технологии коишто планираме да ги имплементираме во иднина на целата територија на државата, убеден сум дека за многу кратко време можеме да бидеме пример во Европа како сите заедно сме успеале да спасиме еден човечки живот плус, во многу подобри размери отколку која било друга држава во Европа за толку краток временски период – рече Тошковски.
Тој уште еднаш им се заблагодари на сите македонски граѓани кои учествуваат во сообраќајот, заради тоа што тие се тие кои ја менуваат сообраќајната култура и кои спасуваат човечки животи.