КАДЕ ЗАВРШИЈА МИЛИОНИТЕ ЕВРА ЗА КАНАЛИЗАЦИЈАТА ВО КИЧЕВО? Вреди бара Обвинителството да ја истражи улогата на ДУИ

Кои компании поврзани со Дрин Ахмети биле ангажирани во проектот, како фирми поврзани со семејството Ахмети се нашле во проект финансиран со европски и државни пари, дали некој од функционерите на ДУИ влијаел врз изборот на компаниите, зошто жителите на Зајас сè уште немаат канализација, праша денеска Фатон Фазлиу од Вреди.

84

Дваесет и четири години ДУИ не направи канализација за жителите на Зајас, сега и знаеме зошто – поради корупција, рече денеска Фатон Фазлиу од Вреди.

– Дваесет и четири години ДУИ и Али Ахмети имаа политичка моќ, министри, директори, градоначалници и целосна контрола врз институциите што требаше да ги решаваат основните проблеми на граѓаните. Но, 24 години не им беа доволни да изградат функционална канализација за жителите на Зајас и на Кичево. Дома не си го решија проблемот – рече Фазлиу.






Денес, додаде тој, наместо канализација, граѓаните имаат недовршен проект, отворени канали, септички јами и сериозен ризик за животната средина.

– А државата и граѓаните имаат милионска штета и изгубени европски средства. Според објавените информации, Управата за финансиска полиција поднела кривична пријава поради сомневања за злоупотреби при реализацијата на проектот за рехабилитација и проширување на канализационата мрежа во Кичево. Станува збор за повеќе од 127 милиони денари (2 милиона евра) директна штета на Буџетот и околу 9,47 милиони евра изгубени средства од ИПА-програмата, кои сега ќе треба да бидат надоместени од парите на граѓаните – рече Фазлиу.

Проектот не пропаднал затоа што немало пари, потенцира тој.

– Пари имало. Европската Унија обезбедила милиони евра. Проектот пропаднал во периодот кога ДУИ управувала со институциите, поради сомнителна банкарска гаранција, банка што завршила во стечај, неодобрени подизведувачи бирани по партиска линија и отсуство на вистинска институционална контрола. Сега станува јасно зошто канализацијата во Зајас со години не била завршена. Поради корупција – рече Фазлиу.

Не поради недостаток на средства, додаде тој, туку затоа што еден основен инфраструктурен проект бил вовлечен во мрежа на сомнителни деловни односи, неодобрени ангажмани и можни коруптивни влијанија.

– Дополнително, медиумите објавија дека во делови од проектот учествувале и фирми на Дрин Ахмети, внукот на Али Ахмети, кои подоцна имале и правни разврски со азербејџанската компанија „Акелик груп“, изведувач на проектот. Тоа отвора сериозни прашања на кои јавноста мора да добие одговор: Кои компании поврзани со Дрин Ахмети биле ангажирани во проектот? За кои конкретни работи биле ангажирани и колкава била вредноста на нивните договори? Дали овие компании биле меѓу подизведувачите ангажирани без претходно одобрение од надлежните институции? Кој од Министерството за финансии, надзорниот орган и другите институции знаел за нивното учество? Колку пари им биле исплатени и за кои извршени работи? Како фирми поврзани со семејството Ахмети се нашле во проект финансиран со европски и државни пари? Дали некој од функционерите на ДУИ влијаел врз изборот на компании, одобрувањето на работите или институционалниот надзор – праша Фазлиу.

Кој дозволил проектот да продолжи без важечка банкарска гаранција и со неодобрени подизведувачи, дополни тој.

– И конечно, каде завршија милионите, а зошто жителите на Зајас сè уште немаат канализација? ДУИ и Али Ахмети имаа повеќе од доволно време, власт и пари да го решат проблемот. Наместо решение за граѓаните, зад себе оставија недовршен проект, изгубени европски средства, милионска штета и сериозни сомнежи за вмешаност на фирми од нивниот семеен круг – потенцира Фазлиу.

На граѓаните на Зајас не им требаат нови изговори – им треба канализација, рече тој.

– А на јавноста ѝ треба вистината за секој потрошен денар и за секоја компанија што заработувала или требало да заработува од овој проект. Вреди бара Јавното обвинителство и Финансиската полиција целосно да ја прошират истрагата, да ги објават сите ангажирани подизведувачи и да утврдат дали постои политичка, деловна или семејна поврзаност меѓу одговорните лица и структурите на ДУИ. Дваесет и четири години политичка моќ не им беа доволни да изградат канализација. Но, очигледно биле доволни за околу еден јавен проект да се создаде мрежа од сомнежи, долгови, тужби и изгубени европски милиони. Зајас заслужува канализација. Граѓаните заслужуваат одговори. А одговорните мора да одговараат – рече денеска Фатон Фазлиу од Вреди.

Поврзани содржини