ИЗРАЕЛ ГИ ПРЕКИНУВА ОДНОСИТЕ СО КАЈА КАЛАС „Крвава ви е споредбата со апартхејдот во Јужна Африка“

Како министер за надворешни работи на Државата Израел, немам друг избор освен да прекинам секаков контакт со г-ѓа Калас сè додека не ја повлече крвавата клевета што ја упати кон единствената еврејска држава во светот, која е исто така единствената демократија на Блискиот Исток, објави израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар.

107

Израел објави дека ќе го прекине контактот со шефицата на дипломатијата на Европската Унија, Каја Калас, поради информациите дека го споредила израелскиот третман на Палестинците со апартхејдот во Јужна Африка.

„Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика веќе некое време се однесува опсесивно и со очигледна неправда кон Државата Израел. Неодамна беше објавено дека за време на нејзината посета на Мексико таа го споредила Израел со расистичкиот режим на апартхејд што постоел во Јужна Африка. Благодарен сум на многуте европски избрани претставници кои ја осудија оваа тешка изјава. Сепак, до денес, од неа не е издадено никакво демантирање, појаснување или одговор во врска со оваа тешка изјава. Затоа, како министер за надворешни работи на Државата Израел, немам друг избор освен да прекинам секаков контакт со г-ѓа Калас сè додека не ја повлече крвавата клевета што ја упати кон единствената еврејска држава во светот, која е исто така единствената демократија на Блискиот Исток. И тоа е она што го правам“, објави денеска на Икс израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар.






 

За изјавата на Калас во Мексико минатата недела објави медиумот Еуроактив.

Калас му одговори на својот израелски колега дека ЕУ останува посветена на конструктивен однос со Израел.

„Драг Гидеон, како што знаеш, ЕУ и Израел имаат многу нешта што нè поврзуваат. Го ценам нашиот дијалог и ангажман и сум отворена да продолжам во тој дух, со почит и конструктивно. Дијалогот е основа на дипломатијата, особено кога се појавуваат разлики. ЕУ секогаш е посветена на конструктивен однос со Израел. За да се донесе мир на Блискиот Исток, решението со две држави останува единствениот одржлив пат. ЕУ ги осуди нелегалните израелски населби на Западниот Брег кои го отежнуваат сè повеќе постигнувањето на таа цел. Тоа е ставот на ЕУ“, одговори Калас.

Министерот Саар веднаш ѝ возврати на комесарката Калас, велејќи дека неговата одлука „ќе остане непроменета“ сè додека таа не разјасни дали го употребила зборот „апартхејд“.

„Ситуацијата е едноставна: ако навистина сте ги дале овие озлогласени и клеветнички изјави, признајте ги. Ако не сте ги дале, негирајте ги. Додека не се открие вистината, мојата одлука ќе остане непроменета“, порача шефот на израелската дипломатија.

Израел моментно контролира околу 64 проценти од Појасот Газа, кој беше срамнет со земја за време на двегодишната израелска офанзива по нападите на Хамас врз јужен Израел, а израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кон крајот на мај ѝ нареди на израелската војска да ја прошири контролата на 70 проценти од тесната крајбрежна палестинска територија.

Според извештајот на Еуроактив, Каја Калас не рекла јавно дека Израел е „апартхејд држава“, туку на затворени состаноци со мексикански претставници во Мексико Сити наводно направила споредба меѓу третманот на Палестинците и јужноафриканскиот апартхејд.

Поврзани содржини