🎥 ИЗЛЕЗЕ ТРЕЈЛЕРОТ НА „РЃА“ Ова е филмот за време на чие снимање Алек Болдвин ја уби снимателката
Поминаа повеќе од три години откако снимателката на филмот беше убиена на снимањето, а сега конечно е објавен првиот трејлер.
Филмот на Алек Болдвин насловен „Рѓа“ (Rust) конечно е подготвен за прикажување. Поминаа повеќе од три години откако снимателката на филмот беше убиена на снимањето, а сега конечно е објавен првиот трејлер.
Трејлерот го прикажува Болдвин како одметникот Харланд Раст. Дејството се одвива во 1880-тите, го следи момчето сираче, кое го игра Патрик Скот Мекдермот, кој е осуден на смрт откако случајно убил ранчер.
„Додека бегаат низ немилосрдната дивина, бегалците мора да избегаат од решителниот американски маршал Вуд Хелм (Џош Хопкинс) и еден безмилосен ловец на награди по име Пречер (Тревис Фимел)“, се вели во соопштението.
Трејлерот првпат го објави магазинот „Пипл“, кој информираше дека филмот ќе биде пуштен на 2 мај во одредени киносали и дигитални платформи. Продукцијата на филмот заврши во 2023 година. Режисер е Џоел Соуза.
Производството беше прекинато во октомври 2021 година, откако Алек Болдвин ненамерно пукаше од реквизит пиштол што содржеше куршум. Во таа прилика беше убиена камерманката Халина Хачинс, додека режисерот Џоел Соуза беше ранет. Болдвин беше ослободен, а реквизитерката Хана Гутиерез-Рид беше осудена на 18 месеци затвор во април за убиство од небрежност.
Филмот „Рѓа“ беше премиерно прикажан во ноември 2024 година на филмскиот фестивал EnergaCamerimage во Полска.
Мет Хачинс, сопруг на трагично починатата Халина Хачинс, стана извршен продуцент на филмот како дел од спогодбата што ја постигна со Болдвин и другите продуценти по тужбата за убиство во 2022 година.
Во интервју за „Венити фер“, Соуза истакна дека крајот на филмот е она што Халина би го сакала.
„Работевме многу блиско заедно. Работата што таа ја работеше во тоа време беше нејзината најдобра работа досега и сето тоа едноставно да исчезне… Не очекувам сите да го разберат или да се согласат со ова, но секој дел од мене ми кажува дека тоа не смее да исчезне.“