ПРВАТА ДИЕТА ЈА ДРЖЕЛА КОГА ИМАЛА САМО ПЕТ ГОДИНИ Сопругата на Алек Болдвин откри дека со децении се борела со нарушувања во исхраната

Хиларија Болдвин откри дека повеќе од 20 години се борела со анорексија, булимија и други нарушувања во исхраната, а пресвртот дошол кога решила да престане да се опседнува со килограмите.

1

Хиларија Болдвин (42), сопругата на холивудскиот актер Алек Болдвин, откри детали од долгогодишната борба со нарушувањата во исхраната, признавајќи дека првите проблеми со доживувањето на сопственото тело ги почувствувала уште како дете.

Во интервју за „Пејџ сикс“, таа раскажа дека повеќе од две децении се борела со анорексија, булимија, прејадување и изгладнување.






– Поминав низ сè – анорексија, булимија, прејадување и изгладнување – вели Хиларија, додавајќи дека во најтешките периоди дури се плашела и од калориите во пастата за заби.

Најголемо изненадување предизвикува нејзиното признание дека првата диета ја држела на само петгодишна возраст. Таа вели дека уште тогаш се чувствувала „огромна како кит“, иако денес, кога ги гледа фотографиите од детството, сфаќа дека немала никаков проблем со тежината.

– Кога денес се навраќам на тоа време, гледам дека сум изгледала сосема добро. Но тогаш бев убедена дека сум огромна и дека нешто не е во ред со мене – раскажува таа.

Нејзината изјава предизвика бројни реакции на социјалните мрежи. Дел од корисниците сметаат дека дете на таа возраст не може целосно да разбере што значи диета, додека други потсетуваат дека децата често ги копираат ставовите и однесувањата на возрасните кога станува збор за изгледот и килограмите.

Хиларија признава дека со години не можела да ги препознае сигналите за глад и ситост и дека нарушувањата сериозно влијаеле врз нејзиниот живот.

– Не сакав повеќе да живеам така. Бев несреќна, не можев да имам нормални односи со луѓето, ниту без стрес да излезам на вечера – вели таа.

Пресвртницата, според неа, дошла кога решила да престане да се опседнува со килограмите и да се фокусира на здравјето. Во тој процес многу ѝ помогнале јогата и промената на начинот на кој гледа на своето тело.

Денес, како мајка на седум деца, таа се труди отворено да разговара со нив за храната и да не создава чувство на вина околу јадењето.

– Се обидувам да ги охрабрам моите деца и да разговараме за тоа како се чувствуваат по јадењето, наместо да се фокусираме на изгледот – вели Хиларија.

Таа најави дека наскоро ќе објави видео на кое доцна навечер јаде сладолед со својата најмлада ќерка – нешто што во минатото, како што признава, би ѝ предизвикало голем страв.

Хиларија Болдвин првпат јавно проговори за своите нарушувања во исхраната во мемоарите објавени во 2016 година, а подоцна на Инстаграм порача дека вистинското здравје не се мери со бројката на вагата.

– Здравјето не е прашање на тежина, туку на тоа како се чувствувам, колку сум силна и здрава. Килограмите и изгледот се само последица, а не цел – напишала таа.

Поврзани содржини