📷 ОД ПРЕСУШЕНИТЕ РЕКИ ИЗЛЕГОА ПОТОНАТИ БРОДОВИ, ПРОНАЈДЕНИ КОСКИ ОД МАМУТ Дунав и Драва на историски минимум
Рекордно ниските водостои на Дунав, Драва и други реки го нарушија речниот транспорт, го намалија производството на електрична енергија и открија археолошки богатства скриени со илјадници години.
Од исклучени нуклеарни реактори до коски од мамут стари илјадници години – рекордно нискиот водостој на Дунав ја покажува целата сила на сушата што ова лето ја погоди Европа. Големите европски реки пресушуваат, товарните бродови остануваат заглавени, а енергетскиот сектор трпи сериозни последици.
Продолжените горештини и сушата предизвикаа драматичен пад на водостоите на голем број европски реки, а најтешко погоден е Дунав, чие ниво на повеќе места достигна историски минимум за овој период од годината.
Во Унгарија, нивото на Дунав кај Будимпешта падна на само 23 сантиметри, што е најниска измерена вредност досега за ова време од годината. На повеќе делници се појавија песочни острови, карпи и се открија потонати бродови, а пловидбата е сериозно ограничена. Истовремено, рекордно ниските водостои го нарушија речниот транспорт во Србија, Хрватска, Бугарија и во Романија, каде товарните бродови пловат со значително намален товар, а дел од туристичките крстарења се откажани или изменети.
Ниското ниво на Дунав предизвика и сериозни проблеми во енергетскиот сектор. Во Романија, нуклеарната централа „Чернавода“, која обезбедува околу една петтина од електричната енергија во земјата, мораше да ги исклучи двата реактора поради недоволен проток на вода неопходна за ладење. Тоа е првпат двата реактора истовремено да бидат исклучени поради нискиот водостој на Дунав. Во соседна Унгарија, производството во нуклеарната централа „Пакш“ беше значително намалено, а властите предупредија дека постои можност и за целосен прекин на работата доколку состојбата не се подобри.
Последиците се чувствуваат и во Србија, каде најголемата хидроелектрана „Ѓердап 1“ произведува само околу една третина од вообичаеното количество електрична енергија поради намалениот доток на вода. Намалениот водостој дополнително го отежнува и снабдувањето со гориво, бидејќи баржите можат да превезуваат само дел од вообичаениот товар.

Сушата не го погоди само Дунав. Во Хрватска и во Словенија водостојот на Драва, исто така, е значително намален, што влијае врз хидроенергетското производство, наводнувањето и локалните екосистеми. Намален проток е забележан и кај повеќе притоки на Дунав низ Балканот и Централна Европа, како последица на недостигот од врнежи и продолжените топлотни бранови.
Повлекувањето на водата откри и археолошки богатства. Во северна Бугарија, во близина на селото Рјахово на брегот на Дунав, беа пронајдени остатоци од мамут, меѓу кои долна вилица, две кљови и коски. Археолозите сметаат дека животното живеело пред илјадници години, а откритието станало можно токму поради рекордно нискиот водостој на реката.

На други делови од Дунав, особено во Србија и во Хрватска, повторно се појавија и потонати бродови од Втората светска војна, како и други историски остатоци кои со децении биле под вода. Дел од нив претставуваат и опасност за пловидбата.
Метеоролозите предупредуваат дека доколку во наредните денови не паднат позначителни врнежи во сливот на Дунав, ниските водостои би можеле дополнително да се влошат.
