ИТАЛИЈАНСКАТА ПРИКАЗНА НА ДЕЛЧЕВО ИСПИША НОВА СТРАНИЦА Неформалните контакти на иселениците доведоа до збратимување со 4 општини

Една од најважните точки во соработката е воведувањето на македонскиот јазик во образовниот систем во Италија. Иницијативата е почната, процесот ќе биде долг, а очекувањата се дека македонскиот јазик би се изучувал на начин сличен на изучувањето на италијанскиот јазик во Делчево.

0

Делегации предводени од градоначалниците на италијанските општини Новело, Монфорте д’Алба и Родино престојуваа во Делчево, каде што беше официјализирано збратимувањето со оваа македонска општина, а беше потпишан и Меморандум за соработка. Продолжува постапката за збратимување на Делчево со Рикалдоне, општина со која претходно на 18 јули, годинава, беше потпишан договор за соработка.

Со ова италијанската приказна на Делчево добива уште една важна страница. Зад неа стојат години контакти, семејства на иселеници кои, живеејќи во Италија, станале природен мост кон родниот крај. Во регионот Пиемонте живеат речиси 40.000 Македонци.






– Нашите иселеници се најголемите амбасадори на Делчево, носители на нашата култура, традиција и вредности, кои со својот труд и посветеност се дел од развојот на овие италијански општини. Токму неформално изградените врски меѓу луѓето се основата врз која сега се гради институционалната соработка. Нашите општини ги поврзува многу повеќе од официјални потписи на документи, нас нè поврзуваат луѓето, нè поврзуваат семејствата и иселениците, кои со години живеат и работат во Италија – рече градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски.

Една од најважните точки во соработката е воведувањето на македонскиот јазик во образовниот систем во Италија. Иницијативата е почната, процесот ќе биде долг, а очекувањата се дека македонскиот јазик би се изучувал на начин сличен на изучувањето на италијанскиот јазик во Делчево.

За време на престојот италијанските гости ги посетија училиштето, болницата, локални компании, инфраструктурни објекти и културно-историски места во Делчево.

Но посебен впечаток им оставиле непосредните средби со граѓаните, посетата на Разловци и традиционалната атмосфера на веселби со музика и ора – богатиот македонски фолклор.

Градоначалникот на Новело, Марко Поларо, во своето обраќање изрази благодарност за приемот и посочи дека македонските граѓани што живеат во Италија често им зборуваат за својот роден крај.

– Вашите сограѓани, кои живеат во Италија, често ни раскажуваат приказни, спомени и анегдоти за вашата земја. Затоа за нас е огромно задоволство што денес можеме да бидеме ваши гости и, пред сè, ваши пријатели запознавајќи ги конечно одблизу вашата култура, вашата историја и вашите традиции – порача Поларо.

Според него, збратимувањето не е само договор меѓу институциите. Збратимувањето е, пред сè, средба меѓу луѓе.

– Тоа е можност да се запознаеме, да ги споделиме нашите приказни, а пред сè да ги вреднуваме нашите разлики и да откриеме колку всушност можеме да бидеме блиску, дури и кога живееме на илјадници километри оддалеченост, рече Поларо.

Градоначалникот на Монфорте д’Алба, Лука Роси, за кого ова беше прва посета на Македонија, искуството го опиша и како лично човечко збогатување.

– Ова е моја прва посета на Македонија, а искуството што го доживеав овде длабоко ме збогати од човечка перспектива. Ми овозможи да се чувствувам уште поблиску до сите вас зајакнувајќи го тој идеален мост што ги поврзува и преплетува судбините на нашите две области – порача Роси.

Можеби најдобрата илустрација за тоа колку длабоко се преплетени двете средини е приказната на Бобан Пешов.

Роден во Македонија 1988 година, Пешов како дете во 1996 година се иселил во Италија. Таму го завршил образованието, дипломирал на архитектура во Торино и подоцна станал автор на стрипови, карикатури и сатирични илустрации. Неговиот графички роман „Беше еднаш на Истокот“ е инспириран од вистинска семејна приказна и од искуството на македонските мигранти.

Пешов денес живее и создава во Италија, но во својата уметност се навраќа кон Македонија и кон приказната на генерацијата која во 90-тите години од минатиот век заминувала во странство во потрага по подобра иднина.

– Имав идеја уште на времето нешто да направам поврзано со татко ми, а потоа сфатив дека тоа не е само приказната на татко ми, туку на сите мигранти од Македонија, кои заминале во 90-тите години, во времето на војната и распадот на Југославија – раскажува Пешов.

Пешов раскажува дека многу Италијанци, особено од јужниот дел на земјата, му пишувале дека приказната за македонските мигранти им е блиска затоа што и нивните семејства во минатото се преселувале од сиромашниот југ кон северот на Италија.

– Многу Италијанци од јужна Италија кога ми пишуваат за стрипот ми кажуваат: „истото сме го доживеале. Ние од јужна Италија, од сиромашните места, од Калабрија и Сицилија, сме бегале кон северна Италија“ – вели Пешов.

Поврзани содржини