ГУСТ ЧАД ГО ПОКРИ СКОПЈЕ, ОГНОТ ДОЈДЕ ОД КОСОВО Пожарот кај село Грачани има огнена линија подолга од пет километри
Огнот од косовска страна навлегол во пограничниот појас кај Грачани, а силниот ветер го носи чадот кон Скопје; македонските екипи интервенираат на двете страни од границата.
Мирис на чад и изгорено вечерва се чувствува во повеќе делови од Скопје поради големиот пожар во пограничниот реон кај селото Грачани, во Општина Ѓорче Петров.
Пожарот во текот на ноќта навлегол на македонска територија од косовска страна и се движел во атарот на Грачани. Огнената линија била долга повеќе од пет километри, а огнот зафатил сува трева, ниска вегетација и шума.
Поради непристапниот планински терен, гаснењето било отежнато. На терен биле ангажирани скопски пожарникари, тимови на Дирекцијата за заштита и спасување, како и два „ер трактори“ кои интервенирале од воздух.
Директорот на ДЗС Стојанче Ангелов претходно информираше дека пожарот се приближил до Грачани и претставувал закана за селото, но дека непосредната опасност за населените места била исклучена. Со помош на воздушните сили, огнената линија била пресечена на критичните места за да се спречи ширењето кон селото.
Во вечерните часови последиците од пожарот се почувствуваа и во главниот град. Ветерот го носи чадот од планинскиот пограничен појас кон пониските делови на Скопската котлина, поради што мирисот на изгорено се чувствува во повеќе населби.
Пожарот кај Грачани, сепак, не е единствената страна на огнената стихија во овој пограничен реон.
По барање на Република Косово, Македонија денеска за првпат ангажираше државен воздухоплов за гаснење пожар надвор од својата територија.
Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи интервенира во реонот на Хани и Елезит, каде што продолжува борбата со пожарот на косовска територија. Информацијата ја потврди директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али.
Али посочи дека по приемот на барањето од Косово бил воспоставен директен и континуиран контакт со надлежните институции, во координација со раководителот на Главниот штаб, Стојанче Ангелов, со цел навремено да се активираат македонските капацитети.
Со тоа, двете земји истовремено се справуваат со пожарот кој го зафатил пограничниот простор, додека македонските екипи продолжуваат со активности за да се спречи повторно ширење на огнот кон македонска територија и населените места.
Засега нема информации дека селото Грачани е директно загрозено од пожарот, но поради близината на огнот и променливите услови на теренот, ситуацијата останува под внимателно следење.