ГОРЕШТИНИТЕ ГО ВЖЕШТИЈА ТЕЛЕФОНОТ ВО БРЗАТА ПОМОШ Над 200 повици дневно

Препорачуваме од 11 до 17 часот да се избегнува директно изложување на сонце, да се консумираат доволно течности, најбитно вода, да не се консумира алкохол, ако мора да се излезе надвор да се носи полесна облека и капа на главата, вели Даниел Георгиевски од Итната медицинска помош.

0

Зголемен е бројот на повици во Итната медицинска помош (ИМП) поради топлото време.

Дневно има повеќе од 200 повици кои се однесуваат на интервенции на јавни места поради колапси или во домашни услови поради влошување на здравствена состојба на некои граѓани. Зголемен е и бројот на интервенции на јавни места, најчесто поради колапси од горештините.






– Просечно интервенции во врска со колапси има меѓу 3 и 5 дневно, но во некои денови има и повеќе. Има повеќе повици за симптоми на лошење, гадење, прегревање на телото, топлотен удар. Многу често успеваме и со совет да им помогнеме на граѓаните – вели Даниел Георгиевски од ИМП.

Тој потенцира дека поради топлото време кај хронично болните може да има кардиолошки манифестации, срцеви и мозочни удари и варирање на крвниот притисок.

– Препорачуваме од 11 до 17 часот да се избегнува директно изложување на сонце, да се консумираат доволно течности, најбитно вода, да не се консумира алкохол, ако мора да се излезе надвор да се носи полесна облека и капа на главата. Ако после подолго време изложеност на сонце се почувствуваат симптоми на вртоглавица, гадење, малаксаност треба да се влезе во климатизирани простории и да се консумираат повеќе течности. Потребно е да се внесува полесна храна, готвена храна, со помалку калории. Хронично болните редовно да ја земаат терапијата и да го мерат крвниот притисок, а дијабетичарите да го мерат шеќерот во крвта. За жал, одредена популација не ги применуваат препораките за топлото време – ве ли Георгиевски за МИА.

Поврзани содржини