ГОРДАНА ДИМИТРИЕСКА КОЧОСКА • ОВА НЕ Е КРИЗЕН, ТУКУ РАЗВОЕН РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ Јавните финансии се стабилни, акцентот е на капиталните инвестиции
„Ребалансот на Буџетот ќе обезбеди редовна исплата на платите, пензиите, социјалните надоместоци и сите останати обврски што државата ги има кон граѓаните. Сепак, во услови на веќе обезбедени стабилни буџетски приходи и јавни финансии, акцентот сега го ставаме на капиталните инвестиции. Инвестициите што денес ги реализираме во патишта, железници, енергетика, образование, здравство и комунална инфраструктура, ќе создадат повисока економска активност, нови работни места и подобар животен стандард“, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, во интервју за Плусинфо.
Заврши комисиската расправа во Собранието за Предлог-ребалансот на Буџетот за 2026 година. Со министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска разговараме за причините за ребалансот, за прашањата поврзани со стабилноста на јавните финансии и за приоритетите на управување со државната каса во периодот што следува.
- Министерке, во комисиската расправa беа прифатени и амандмани од опозицијата. Тоа е нешто што кај нас не се случува баш често во парламентoт. Што следува понатаму и каква порака испрати собраниската расправа?
– Комисиската расправа заврши согласно со предвидената процедура и сега следува Владата да го утврди дополнетиот текст на Предлог-ребалансот, во кој ќе бидат вградени амандманите што беа прифатени како основани во текот на комисиската расправа. Потоа документот ќе биде доставен на пленарна седница и очекувам до крајот на месецот да биде усвоен од Собранието.
Собраниските комисии се местото каде што треба да се води аргументирана и конструктивна дебата и да се изнесуваат предлози насочени кон подобрување на законските решенија во интерес на граѓаните. Токму затоа прифативме амандмани што придонесуваат за подобрување на предложените решенија.
Со прифатените амандмани обезбедивме дополнителна поддршка за жените кои вршат земјоделска дејност, средства за воспоставување национална СОС линија за поддршка на жртвите на родово и семејно насилство, како и средства за отворање и ставање во функција на два згрижувачки центри за жртви на семејно и родово базирано насилство. Тоа е уште една потврда дека кога постојат квалитетни и аргументирани предлози кои се во интерес на граѓаните, Владата има капацитет и политичка волја да ги прифати.
Остануваме отворени за аргументирана дебата, бидејќи веруваме дека Собранието е местото каде што преку размена на аргументи и заемно почитување се носат подобри решенија. Но, истовремено, овие амандмани не ја менуваат суштината на ребалансот. Основната цел останува иста: стабилни јавни финансии, редовно исполнување на сите законски обврски и обезбедување дополнителни средства за развојни политики.
Во услови кога светската економија се соочува со сериозни предизвици, ние избравме да реагираме навремено и одговорно. Не дозволивме неизвесноста да се преслика врз граѓаните и врз стопанството, туку преку ребалансот создадовме услови државата да продолжи со инвестициите и да обезбеди континуитет во реализацијата на сите приоритетни политики.
Очекувам и пленарната расправа да биде конструктивна и пратениците да го препознаат значењето на овој ребаланс, кој создава услови за продолжување на позитивните економски трендови и реализација на стратешките развојни приоритети на државата.
- Што беше клучната причина Владата да предложи ребаланс на Буџетот и дали тоа значи дека има проблем со јавните финансии??
– Тоа е една од најчестите заблуди кога станува збор за ребалансот на Буџетот. Во конкретниот случај, ребалансот не е последица на недостиг на приходи, ниту на нарушена ликвидност. Напротив, приходите се реализираат согласно очекувањата, а јавните финансии остануваат стабилни.
Потребата од ребаланс произлезе од променетите економски околности во текот на годината. Геополитичките случувања, растот на цените на енергенсите и промените на меѓународните пазари влијаеја врз одредени буџетски проекции. Како одговорна Влада, наша обврска е тие проекции навремено да ги усогласиме со реалната состојба.
Истовремено, во меѓувреме произлегоа и дополнителни законски обврски, пред сè поради потпишаните колективни договори, како и потребата од дополнителна поддршка за земјоделството, социјалната заштита и општините.
Но, она што најсилно го карактеризира овој ребаланс е определбата за инвестиции. Одлучивме средствата да ги насочиме таму каде што ќе создадат најголема додадена вредност за економијата. Затоа велам дека ова не е кризен ребаланс, туку развоен ребаланс.
- Кои се клучните приоритети на ребалансот и што конкретно ќе почувствуваат граѓаните?
Со ребалансот средствата ги насочуваме кон јасно утврдени приоритети. Пред сè, обезбедуваме непречена исплата на сите законски обврски на државата. Тоа значи редовна исплата на платите, пензиите, социјалните надоместоци и сите останати обврски што државата ги има кон граѓаните.
Дополнително обезбедуваме повеќе средства за земјоделските субвенции, за студентскиот и ученичкиот стандард, за спортот, за социјалната заштита, како и за општините, кои ќе можат да реализираат повеќе локални инфраструктурни проекти.
Најголемиот акцент, сепак, е ставен на капиталните инвестиции. Со ребалансот тие достигнуваат околу 46 милијарди денари, како резултат на тоа е корекцијата на буџетскиот дефицит од 0,6 проценти. Со други зборови, средствата не ги трошиме за непродуктивни расходи, туку ги инвестираме во инфраструктура која ќе создава економски раст и во наредните години. Остануваме целосно посветени на фискалната дисциплина и среднорочната фискална консолидација.
Паралелно со тоа, државата продолжува редовно да ги сервисира сите свои обврски. Само во првата половина од годината се сервисирани над 60 милијарди денари по основ на отплата на главнина и околу 12 милијарди денари за камати, што е силна потврда за финансиската дисциплина и одговорното управување со јавниот долг.
Нашата цел е задолжувањето да биде во функција на развојот. Инвестициите што денес ги реализираме во патишта, железници, енергетика, образование, здравство и комунална инфраструктура ќе создадат повисока економска активност, нови работни места и подобар животен стандард.
Паралелно, обезбедуваме и значително повеќе средства за проектите што ги реализираат општините. Нашата определба е секој регион да има корист од капиталните инвестиции, затоа што токму тие се двигател на економскиот раст и отвораат нови можности за локален развој.
- И покрај глобалната неизвесност, економските показатели покажуваат позитивни движења. Колку тие Ви даваат основа за оптимизам?
– Фактите покажуваат дека македонската економија е стабилна. Во првиот квартал од годинава економијата оствари реален раст од 3,1 проценти, а особено охрабрува што растот е широко поставен. Градежништвото расте со 7,2 проценти, услугите со 3,6 проценти, позитивни резултати бележи и земјоделството.
Растат платите, пензиите и кредитната активност, а извозот и странските директни инвестиции испраќаат силен сигнал дека довербата во македонската економија се зголемува. Во првиот квартал странските директни инвестиции достигнаа 218,6 милиони евра, што е раст од 46,8 проценти во однос на истиот период минатата година.
Овие резултати не се случајни. Тие се резултат на политиките што ги спроведуваме, стабилни јавни финансии, поддршка на инвестициите, подобра наплата на приходите, намалување на сивата економија и силен инвестициски циклус.
Нашата цел останува иста, да создадеме услови економијата да продолжи да расте, да привлечеме нови инвестиции и да обезбедиме подобар животен стандард за граѓаните. Верувам дека ребалансот на Буџетот е уште еден чекор во таа насока.