ВУЧИЌ ТРГНУВА ВО КАМПАЊА СО СВОЈАТА „ШКОДА“ Ќе ја обиколува Србија и ќе бара поддршка за премиерски мандат
Српскиот претседател најави дека по повлекувањето од функцијата ќе биде дел од листата на владејачката партија, додека во земјата продолжуваат политичките тензии и протестите против власта.
Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека кампањата за претстојните парламентарни избори ќе ја води со својот личен автомобил, обиколувајќи ги градовите и селата низ Србија и барајќи поддршка од граѓаните за можен премиерски мандат.
– Нема тука некоја голема филозофија. Ќе седнам во мојот автомобил, ме чека мојата „шкода“, и ќе ја обиколувам Србија од место до место за да побарам поддршка за мандатот за премиер, доколку биде донесена таква одлука – изјави Вучиќ.
Тој посочи дека по оставката од претседателската функција ќе биде дел од кандидатската листа „Единствена Србија“ на владејачката Српска напредна партија (СНС).
Вучиќ објасни дека прво треба да поднесе оставка Владата на Србија, по што тој би ги распишал парламентарните избори. Според неговите најави, по распишувањето на изборите би продолжил да ги извршува претседателските обврски уште најмногу две недели, по што би се повлекол од функцијата.
Тој вчера изјави дека парламентарните избори во Србија би можеле да се одржат во рок од 80 до 120 дена.
На крајот на јуни Вучиќ најави дека наскоро ќе поднесе оставка од претседателската функција, но не соопшти конкретен датум.
Минатата недела тој изјави дека претседателските и парламентарните избори најверојатно ќе бидат одржани во различни термини, при што први би биле парламентарните избори.
Во Србија речиси две години траат масовни протести против власта, со барања за борба против корупцијата и распишување нови парламентарни избори.
Политичките тензии дополнително се зголемија по трагедијата во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, кога при уривање на бетонска настрешница на неодамна реконструираната железничка станица загинаа 16 лица, а едно лице беше тешко повредено.
По несреќата беше формирано студентско движење кое ги предводи протестите. Во мај 2025 година студентите соопштија дека ќе поддржат кандидатска листа составена од нови лица кои досега не биле активни во српската политика.