ГИ РЕАЛИЗИРАМЕ ИДЕАЛИТЕ НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ЗА НЕЗАВИСНА МАКЕДОНИЈА Мицкоски оддаде почит на македонскиот великан
Тој бил пред времето и како таков оставил неизбришлива трага во македонската историја и македонскиот идентитет – рече премиерот откако положи цвеќе пред саркофагот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас во Скопје.
Со оддавањето почит на Гоце Делчев покажуваме дека како Влада правиме за неговите идеали за самостојна Македонија да станат реалност, рече премиерот Христијан Мицкоски на церемонијата на полагање цвеќе на вечното почивалиште на македонскиот револуционер Гоце Делчев, кој е убиен на денешен ден во 1903 година.
– Заедно со потпретседателот на Владата Димовски и со министерот за надворешни работи Муцунски, од името на владата, оддадовме вечен помен на жртвата на великанот, македонскиот јунак Гоце Делчев, и на тој начин само сакаме да покажеме дека како Влада ќе сториме се за да неговите идеали, неговата борба за самостојна Македонија, за македонскиот народ.
Но, и за сите граѓани коишто живеат во Македонија, за да остане вечна, да се сеќаваме на неговиот лик и дело и на тој начин тој лик и дело биде пренесен и на генерациите коишто доаѓаат по нас, бидејќи вредностите во кои што верувал нашиот великан Гоце Делчев за жал денеска некои земји членки на ЕУ сѐ уште не ги почитуваат. Не само што не ги почитуваат, туку и не ги спроведуваат.
Тој бил пред времето и како таков оставил неизбришлива трага во македонската историја и македонскиот идентитет. Нека му е вечен поменот и секоја година на овој ден да продолжат и идните влади да одбележуваат вечен помен на ликот и делото на Гоце Делчев – рече премиерот Мицкоски.