ЕВАКУАЦИЈА ВО ПРЕДГРАДИЕТО НА АТИНА Голем пожар беснее четврти ден, огнот се приближува до населени места
Големиот пожар во западниот дел на Атика повторно се активираше, а властите испратија предупредувања за евакуација додека стотици пожарникари продолжуваат со борбата.
Речиси 500 пожарникари се борат со огнената стихија во областа Атика, евакуирани жители од седум населени места
Голем шумски пожар кој веќе четврти ден беснее во западниот дел на областа Атика, во поширокиот регион на Атина, повторно се интензивираше, поради што жителите на седум населени места и околината на индустриската зона во предградието Мегара добија пораки за евакуација преку бројот 112 за итни случаи.
Според информациите, огнот во текот на денот повторно се разгорел, а пожарот сè уште е надвор од контрола. Новите жаришта се приближиле до населени места, поради што властите превентивно наредиле евакуација.
Во гаснењето учествуваат околу 500 пожарникари, а поради намалувањето на јачината на ветерот, екипите повторно можеле да дејствуваат и од воздух со летала за гаснење пожари.
И покрај напорите на службите, огнената стихија продолжува да создава проблеми, а според неофицијални информации, неколку куќи веќе се оштетени. Точната материјална штета ќе се утврдува откако пожарот ќе биде ставен под контрола.
Дополнителен шок предизвика информацијата дека дел од пожарникарите кои учествуваат во гаснењето биле ограбени додека биле на терен.
Од Здружението на пожарникари за шумски операции на Грција соопштија дека припадници на една од специјализираните единици, по враќањето од интервенцијата во западниот дел на Атика, ги затекнале своите автомобили провалени и оштетени.
Кај дел од возилата, како што наведуваат, биле украдени и тркалата.
„Несфатливо е колегите кои со денови пожртвувано интервенираат за заштита на животите, имотите и природното богатство на земјата, при враќањето во службата да ја затекнат сопствената имотна состојба ограбена“, соопштија од здружението.
Тие објавија фотографии од оштетените возила и побараа итно преземање мерки за поголема безбедност на објектите, заштита на имотот на пожарникарите и подобрување на инфраструктурата на службата која се наоѓа во западниот дел на Атика.