ЕДНОСМЕНСКА НАСТАВА ВО ОУ „ДИМИТАР МАКЕДОНСКИ“ ВО ЛИСИЧЕ ОД 1 СЕПТЕМВРИ Само учениците од IV и од V одделение ќе ротираат во прва и втора смена

0

Едносменска настава за учениците од VI до IX одделение ќе се воведе од 1 септември во ООУ „Димитар Македонски“ во населба Лисиче, каде градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска изврши увид во градежните активности.

Летниот распуст се користи за уредување и адаптација на училиштето, со цел учениците новата учебна година да ја започнат во подобри, посовремени и поквалитетни услови.






Според новата организација на наставата, учениците од VI до IX одделение ќе посетуваат настава во прва смена, учениците од I до III одделение ќе бидат опфатени со целодневна настава, додека учениците од IV и V одделение ќе ротираат во прва и втора смена.

Со воведувањето на едносменската настава се создаваат услови за поквалитетен воспитно-образовен процес, подобри резултати во учењето, поголема вклученост на учениците во спортски, културни и воннаставни активности, како и за поорганизирано извршување на училишните обврски со поддршка од наставниците. Воедно, овој модел овозможува постабилен дневен ритам и повеќе квалитетно време за семејството.

Општина Аеродром веќе успешно го имплементираше моделот на едносменска настава во ООУ „Александар Македонски“, а со воведувањето и во ООУ „Димитар Македонски“ продолжува со реализација на заложбите за унапредување на условите за образование во сите основни училишта на својата територија.

Поврзани содржини