ЌЕ ТРЕБААТ НЕДЕЛИ, ПА И МЕСЕЦ ЗА ЦЕЛОСНА РЕХАБИЛИТАЦИЈА Повредените од пожарот имаат иритации на белите дробови од вдишаниот чад
Нашата проценка, врз база на трите болници во кои работиме, сега сме во акутната фаза, значи ги чистиме раните, примена на напредни медицински техники, но потоа ќе следи хроничната фаза, таа е долга, вклучува рехабилитација со недели, можеби и цел месец. Она што нè вознемирува е дека многу од повредените имаат изгореници од вдишување чад, поради работите кои паѓале од таванот, вели д-р Шахар за ТВ Сител.
Македонското здравство треба да си ги планира следните неколку месеци за целосна рехабилитација на повредените во трагедијата во Кочани, а дел од нив имаат сериозни иритации на белите дробови поради вдишан чад, вели д-р Шапира Шахар, шеф на израелскиот специјалистички медицински тим кој работи на третман на повредените во Клиничкиот центар, болницата „8 септември“ и Градска болница во Скопје.
Тимот на д-р Шахар вклучува 15 медицински лица, меѓу кои пластичен хирург, анестезиолог и сестри со долгогодишно искуство во областа.
– Директно сум инволвиран во третманот на пациентите. Нашата проценка, врз база на трите болници во кои работиме, сега сме во акутната фаза, значи ги чистиме раните, примена на напредни медицински техники, но потоа ќе следи хроничната фаза, таа е долга, вклучува рехабилитација со недели, можеби и цел месец. Она што нè вознемирува е дека многу од повредените имаат изгореници од вдишување чад, поради работите кои паѓале од таванот. Ова би можел да го споредам со повредите кои ги имаме во нашата војна, но е нешто поразлично, бидејќи вклучува хемиски иритации на белите дробови и треба повеќе време за да се закрепне. Сè зависи од степенот на изгорениците, дали се од прв, втoр или од трет степен, зависно од длабочината и површината која ја зафаќа изгореницата. Може да има проблем со рехабилитацијата на респираторниот систем поради хемиската штета врз белите дробови. Мислам дека македонскиот здравствен систем треба да си ги планира следните неколку месеци за третман на повредените. Згора на сето тоа, знаеме дека кога имаме ваков тип на инциденти, понатаму можеби ќе треба трансплантација на кожа и на други типови третман, можеби носење дел од пациентите во странство, се разбира Израел ги нуди своите капацитети – вели д-р Шахар за ТВ Сител.
Тој смета дека владата направила вистинска одлука да премести дел од пациентите со тешки изгореници во странство имајќи го предвид големиот број повредени. Тој потсетува дека пациентите од странство потоа ќе продолжат да се рехабилитираат дома.