ЌЕ ОДГОВАРА ЗА ЗАГРОЗУВАЊЕ ЛИЦА ПОД МЕЃУНАРОДНА ЗАШТИТА За палачот на возилата пред бугарската амбасада се бара притвор од 30 дена
Осомничениот на 15 јуни 2026 година со опожарување на возила пред Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, што ги користеле Военото аташе на Бугарија и други вработени во Амбасадата, создал значителна опасност за животот и телото на лица под меѓународноправна заштита, соопшти Јавното обвинителство.
Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ја презеде истрагата против осомничениот 44-годишен скопјанец кој во понеделникот, на 15 јуни, запали две дипломатски возила пред бугарската амбасада во Скопје. Ќе биде гонет за кривичното дело Загрозување лица под меѓународна заштита.
Досега тој беше под истрага на Основното јавно обвинителство Скопје за делото Предизвикување општа опасност и му беше одреден притвор од 8 дена. Сега ОЈО ГОКК за него бара притвор од 30 дена.
„Постапувајќи по поднесената пријава во врска со опожарувањето на автомобили пред објектот на бугарската Амбасада во Скопје, за кое беше поведена постапка против едно лице за кривичното дело Предизвикување општа опасност, ОЈО Скопје дојде до сознанија што упатуваат на можни елементи на кривичното дело Загрозување лица под меѓународна заштита од член 420 од Кривичниот законик. Имајќи предвид дека кривичниот прогон за ова дело е во надлежност на ОЈО ГОКК, ОЈО Скопје го достави предметот на надлежно постапување“, соопшти Јавното обвинителство.
Од своја страна, се додава во соопштението, ОЈО ГОКК донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осомниченото лиц, поради основано сомнение дека сторило кривично дело Загрозување лица под меѓународна заштита од член, за кое е предвидена казна затвор од најмалку една година.
„Според обезбедените докази, постои основано сомневање дека осомничениот на 15 јуни 2026 година со опожарување на возила пред Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, што ги користеле Военото аташе на Република Бугарија во Република Северна Македонија и други вработени во Амбасадата, создал значителна опасност за животот и телото на лица под меѓународноправна заштита. Имајќи предвид дека станува збор за кривично дело што спаѓа во групата на кривични дела против човечноста и меѓународното право и кое својата основа ја наоѓа во Конвенцијата на Обединетите нации за превенција и казнување на кривични дела насочени против меѓународно заштитени лица, вклучително и дипломатски претставници, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор во траење од 30 дена за лицето на кое до сега му беше определена притворска мерка од 8 дена во скратена постапка“, соопшти Обвинителството.
Членот 420 од Кривичниот законик гласи: Тој што ќе изврши грабнување или некое друго насилство спрема лице под меѓународно правна заштита или ги нападне неговите службени
простории, приватниот стан или превозното средство, ќе се казни со затвор најмалку една година.
ОЈО Скопје кога ја полна истрагата за Предизвикување општа опасност соопшти дека на 15 јуни околу пладне, осомничениот предизвикал значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот од големи размери со пожар на улицата Митрополит Теодосиј Гологанов пред Амбасадата на Бугарија. На критичниот ден тој излегол од дома, се качил во автобус и дошол во центарот, па од бензинската пумпа во близина на бугарската амбасада наполнил бензин во пластично шише. Потоа ја преминал улицата и се доближил до двете паркирани дипломатски возила во сопственост на Амбасадата кои ги полеал со бензинот и ги запалил со запалка. Веднаш откако го предизвикал опожарувањето го напуштил местото на настанот.