ЌЕ ЈА УРНЕ ЛИ ДАНЕЛА ОДЛУКАТА ОД 2021 ЗА МЕНУВАЊЕ НА 486 ИМИЊА НА УЛИЦИ И ПЛОШТАДИ? Градоначалничката бара поништување поради серија пропусти и грешки
Останува отворено прашање за правничко толкување дали прифаќањето на оваа иницијатива ќе значи „паѓање“ на целата Одлука за именување на сите 486 имиња на улици и плоштади во Скопје, или тоа поништување може да биде парцијално, за делот од улиците (вкупно 33) за кои не била дадена согласност, или за кои постои недоследност или грешка во нивното дефинирање (вкупно 12).
Освен за враќање на името на улицата Втора македонска бригада, градоначалничката на Скопје Данела Арсовска покрена иницијатива за поништување на Одлуката за определување и промена на имиња на улици, мостови и плоштади на подрачјето на Град Скопје донесена на 30 март 2021 година. Како причина наведe повеќе пропусти во носењето на оваа одлука.
Имено, за називи на 33 улици и други инфраструктурни објекти, никогаш не била добиена согласност од Владата, иако одлука за нивни нови имиња била донесена од Советот на Град Скопје уште во март 2021 година. Поради тоа тие не можат да бидат впишани во Централниот регистар. Исто така, за најмалку 12 преименувани улици и објекти дадени се нејасни податоци за нивниот опфат, што доведува до колизија со други веќе именувани улици и објекти.
„Со Одлука бр. 27-2792/1 на Град Скопје од 30 март 2021 година (Службен гласник на Град Скопје бр 4/21) Советот изгласал одлука за измена на 486 имиња на улици и плоштади, но одлуката не е спроведена целосно поради пропусти во спроведувањето на истата. Имено, за 33 називи не е добиена согласност од Владата и поради тоа не се спроведени во надлежните институции, односно одлуката е неспроведлива, при што постои колизија и исти имиња на дел од улици за кои е добиена согласност со веќе постоечки именувани улици со ист назив“, се наведува во иницијативата до која дојде Плусинфо.
Во продолжение е даден список на имиња на улици и објекти за кои Градот вели дека не е дадена согласност од владата:
Интересно е што, меѓу другите, на овој список улици и плоштади се наоѓа и новото име Втора македонска бригада, за дотогашната улица Ловќенска 9, како една од улиците за кои не била дадена владина согласност.
Поранешниот градоначалник Петре Шилегов, во чиј мандат е донесена одлуката за менување на 486 имиња на улици, неодамна тврдеше дека улица Втора македонска бригада ќе има, иако претходната е преименувана во улица Адем Демаќи, но според оваа иницијатива, Ловќенска 9 никогаш не добила такво име.
Во иницијативата на градоначалничката Арсовска се бара поништување на Одлуката за определување и промена на имиња на улици, мостови и плоштади на подрачјето на Град Скопје бр. 27-2792/1 од 30 март 2021 година, а тоа е всушност Одлуката со која се изменети имињата на вкупно 486 имиња на улици, мостови и други инфраструктурни објекти на територијата на Град Скопје!
Во иницијативата на градоначалничката Арсовска се даваат и дополнителни причини за поништување на Одлуката од 30 март 2021 година за менување на имињата на улиците.
„Дополнително, пропуст е направен со носењето на спорната одлука од 30 март 2012 година со 12 инфраструктурни објекти кои се нејасно дефинирани, односно нејасен е потегот на улицата чиј назив треба да се промени. Поради гореднаведеното предлагам иницијатива да се поништи наведената одлука и да пристапите кон изнаоѓање соодветни решенија, согласно вашите законски овластувања“, пишува во иницијативата потпишана од Данела Арсовска, градоначалничка на Скопје.
Иницијативата е доставена до Комисијата за именување на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Град Скопје. Според извори во Советот на Град Скопје, и двете иницијативи на Арсовска – и таа за враќање на името на Втора македонска бригада, и оваа за поништување на одлуката од 2021 година, ќе поминат без проблем на Комисијата, но прашање е што ќе се случува на Советот.
Останува отворено за толкување дали прифаќањето на оваа иницијатива ќе значи паѓање на целата Одлука за именување на сите 486 имиња на улици и плоштади во Скопје, или тоа поништување може да биде парцијално, за делот од улиците (вкупно 33) за кои не била дадена согласност, или за кои постои недоследност или грешка во нивното дефинирање (вкупно 12). Извори во Советот велат дека за оваа иницијатива, која се повикува на правни и технички недоследности, нема да биде потребно т.н. Бадентерово мнозинство при гласањето, што не е случај кај иницијативата за враќање на името Втора македонска бригада.
Одлуката за преименување на улиците беше донесена на 30 март 2021 година во Советот на Град Скопје, со мнозинство гласови, а потоа беше потврдена и од Владата. За тогашниот градоначлник Петре Шилегов и неговите сопартијци, советници од СДСМ одлуката пред сѐ значеше враќање на старите имиња на улиците кои во претходниот мандат беа променети од советниците на ВМРО-ДПМНЕ.
За советниците од партиите на Албанците во Македонија ова беше добра можност албански историски личности и настани да добијат свои улици и плоштади. Така, на скопската листа и во владиниот регистар се најдоа и овие предлози: Хасан Приштина, Беким Фехмиу, Ибрахим Ругова, Мајка Тереза, Мехмед Али Хоџа, Фахри Фазлиу, Жртвите на Блаце, Фаик Коница, Дервиш Цара, Ѓон Бозуку, Ласгуш Порадеци, Гани Груби, Иса Болетини, Ибрахим Кроси, Оџа Атаула Куртиши…
Меѓу нив се најдоа и контроверзни имиња, како Сул Хотла, член на Бали комбетар, соработник на фашистичка Германија и на Бугарија во текот на Втората светска војна, или Ушким Хоти, борец за осамостојување на Косово и за Обединета Албанија…
На промената на имињата тогаш се спротивставија советниците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои ја напуштија седницата и најавија дека по судски пат ќе ја укинат донесената одлука на градските советници. ВМРО-ДПМНЕ реагираше затоа што, според Законот за именување на улиците, тие не смеат да бидат именувани шест месеци пред избори и една година пред планиран попис на населението. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека таква тужба, сепак, не била поднесена, бидејќи долго време одлуката не била објавена во Службениот гласник на Град Скопје, а голем дел од новите имиња на улиците никогаш не биле впишани во Централниот регистар, како што по правило се прави.
Јавноста неодамна бурно реагираше, кога за време на посетата на косовскиот премиер Албин Курти во Чаир, беше промовирано новото име „Адем Демачи“ за преименуваната улицата Втора македонска ударна бригада. Со реакција се јавија многу партии и јавни личности, па дури и од владата. Поттикнат од реакциите и претседателот Стево Пендаровски побара надлежните инспекциски служби да проверат дали при носењето на одлуката за преименување на улиците биле почитувани правните процедури и принципот на Бадентерово мнозинство.