„ДИРЕКТОРЕ, ГЛЕДАШ ЛИ ШТО СЕ СЛУЧУВА ВО ЈСП?“ Првите 37 возачи веќе се во Словенија и полагаат за „КОД95“
Откако викендов ги завршија обуките со предавачот Далибор Млаѓеновиќ од компанијата „КОДА95“, 37 возачи штом ќе пристигнат веднаш ќе почнат да полагаат за возење автобус. Полагањето ќе трае околу час и половина. Во сабота тие би требало да го полагаат писмениот дел по што ќе се вратат во Македонија. Тие што ќе положат ќе можат да поднесат за работна виза во германската амбасада во Скопје.
„Заминавме“, пишува кратко во својот пост на Фејсбук еден од возачите на ЈСП „Скопје“ кои вчера со организиран превоз тргнаа за Кршко, Словенија. Тие веќе денеска ќе треба да полагаат за „КОД95“, дозвола која им овозможува да возат во земјите од Европската Унија, поточно во Германија каде точно 168 возачи имаат договор за работа со тамошна компанија.
Откако викендов ги завршија обуките со предавачот Далибор Млаѓеновиќ од компанијата „КОДА95“, 37 возачи штом ќе пристигнат веднаш ќе почнат да полагаат за возење автобус. Полагањето ќе трае околу час и половина. Во сабота тие би требало да го полагаат писмениот дел по што ќе се вратат во Македонија. Тие што ќе положат ќе можат да поднесат за работна виза во германската амбасада во Скопје.
Дел од возачите, кои сè уште сакаат да бидат анонимни, ни посочија дека имале големи проблеми со раководството на ЈСП „Скопје“, бидејќи како што велат не им било дозволено да земат слободни денови. Повеќето од нив ни кажаа дека покрај одморот, тие имаат од 30 до 50 слободни денови, кои ги стекнале бидејќи работеле прекувремени часови. А бидејќи претпријатието не им ги исплатило им дало слободни денови.
Како што велат возачите, од раководството им рекле дека ако три дена не дојдат на работа им следува отказ со што ќе ги загубат и слободните денови.
Објавата на Фејсбук на првата група возачи наиде на голема поддршка кај граѓаните. „Среќен пат и да те послужи среќа тебе и сите колеги од ЈСП што заминуваат да се спасат од оваа буржоазија“, „Среќен пат колеги да сте живи и здрави, сите убаво да поминете, да не чекате и нас за брзо време и нека ја види генералниот оваа слика“, „Среќен пат, се спасивте оттука, Господ да ви даде здравје, среќа, бериќет и ич да не мислите на ЈСП, они ќе ве молат, а вие спечалете побрзо и вратете се со Господ напред сите“…, се дел од коментарите на Фејсбук.
Плусинфо во неколку наврати пишуваше дека од ЈСП „Скопје“ ќе си заминат стотина возачи поради лошите услови за работа. Во неделата разговаравме со предавачот Млаѓеновиќ од српската компанијата „КОДА95“ кој беше ангажиран од германската компанија да ги обучи возачите за успешно да ги минат тестовите.
– Мислам дека имавме успешни три дена тука во Скопје во хотелот „Континентал“. Групата ја подготвуваме за полагањата за „КОД95“ во Словенија. Секој од возачите ќе има 1,5 часа возење на автобус и мислам дека тој дел ќе го поминат без проблем, бидејќи се луѓе со големо искуство. На обуката посветивме внимание на теоретскиот дел, бидејќи европските регулативи за возачите се посебни и се разликуваат од Балканот. Откако ќе положат, возачите ќе го добијат посакуваниот код и потоа ќе можат да заминат за Германија – изјави Млаѓеновиќ за Плусинфо во неделата.
Тој е изненаден од фактот што германската компанија успеала одеднаш да договори толку многу возачи на автобуси, бидејќи со сите што досега работел станувало збор за помали групи од 20-30 возачи, но Германците успеале да договорат 168 луѓе.
– Навистина станува збор за голема бројка, но јас искрено ниту знам каде ќе возат, ниту колку ќе ги плаќаат, што ќе им понудат. Јас од германската компанија бев ангажиран да ја извршам обуката, па затоа другите детали не ме интересираат. Мене ми кажаа дека во хотелот „Хилтон“ биле неколку денови и тука се договарале со возачите – рече Млаѓеновиќ преку кого повеќе од 18.000 возачи на автобуси и на камиони од Србија, Босна и Херцеговина, Македонија и Црна Гора добиле „КОД95“ и заминале да возат низ Европа.