ЦЕНИТЕ НА ДИЗЕЛОТ И НА БЕНЗИНОТ ВО ЕУ УРИВААТ РЕКОРДИ Највисоки во последните 20 години
На 14 септември просечната цена по литар бензин во ЕУ изнесувала 2,063 евра, додека цената на дизелот била 2,159 евра.
Цените на бензинот и на дизелот во Европската Унија оваа недела ги достигнаа највисоките нивоа во изминатите 20 години, откако се следат податоците.
Според податоците на Европската комисија, полнењето резервоар од 50 литри со бензин сега чини околу 103 евра, додека полнењето со дизел чини 108 евра.
Високите рафинериски маржи се главен двигател на поскапувањата. Експертите од Европската централна банка (ЕЦБ) проценуваат дека маржите за дизелот нема да го достигнат својот врв пред октомври, што сугерира дека цените би можеле да останат високи.
Цените на горивата на бензинските пумпи нагло пораснаа по избувнувањето на конфликтот на Блискиот Исток во февруари, дополнително засилувајќи ги инфлаторните притисоци. ЕЦБ објави дека инфлацијата кај енергенсите во еврозоната скокнала на 14,3 отсто во август, од 10,3 отсто во јули.
На 14 септември просечната цена по литар бензин во ЕУ изнесувала 2,063 евра, додека цената на дизелот била 2,159 евра. Ова се највисоките цени регистрирани откако Комисијата почна да ги следи податоците во 2005 година. Претходниот рекорд за бензинот беше поставен во 2022 година, додека цените на дизелот последен пат се приближија до сегашните нивоа во април оваа година.
Цените значително варираат меѓу земјите-членки. Најевтин бензин има во Малта, каде што литар чини 1,34 евра, додека најскап е во Данска, со цена од 2,56 евра. И дизелот исто така е најевтин во Малта, со цена од 1,21 евро за литар, а најскап во Финска, со 2,51 евро.
Податоците се земени од неделниот билтен за нафта на Европската комисија, објавен на 17 септември, и ги одразуваат цените регистрирани на 14 септември, вклучувајќи ги даноците и акцизите.
Цените растат веќе неколку месеци – од почетокот на војната во Иран кон крајот на февруари, што ги попречи енергетските текови низ Ормускиот Теснец. На врвот на конфликтот, цената на суровата нафта од типот „Брент“ надмина 126 долари за барел. Во петокот, барел нафта за испорака следниот месец се тргуваше по цена над 104 долари. Пред војната, цената изнесуваше околу 72 долари.
Ситуацијата со снабдувањето во Европа дополнително се усложни откако „Сауди Арамко“ извести најмалку две европски рафинерии дека нема да ги добијат договорените испораки на нафта во октомври. Според „Блумберг“, кој се повикува на извори запознаени со ситуацијата, одлуката се однесува на сите европски купувачи, а следува по нападот што пред неколк дена го извршија јеменските Хути врз клучен саудиски нафтовод што води кон Црвеното Море.
Сепак, цената на суровата нафта на светските пазари не е единствениот фактор што го поттикнува поскапувањето. Трошоците за преработка на нафтата значително пораснаа, како и маржите за преработка, што дополнително ги зголеми цените на бензинските станици. Маржата за преработка ја претставува разликата помеѓу цената на суровата нафта и цената на финалните производи, како што се бензинот и дизелот.
Европската централна банка соопшти дека очекува маржите за дизел да го достигнат врвот дури во октомври.
Од почетокот на 2026 година, просечната цена на бензинот во ЕУ е зголемена за приближно 29 отсто, а на дизелот за речиси 40 отсто.
Според анализата на ЕЦБ од јули, промените во цените на суровата нафта генерално целосно се пренесуваат на цените на горивото пред оданочување во рок од еден до два месеца.
Во јули, цената на суровата нафта учествуваше со помалку од една четвртина во цената на горивото во еврозоната. Остатокот се состоеше од трошоци за преработка и за дистрибуција, маржи и даноци, што ги објаснува значителните разлики во цените меѓу земјите. Во тоа време, акцизите и ДДВ учествуваа со околу 44 отсто во цената на дизелот и 52 отсто во цената на бензинот.