БУРНО ВО ФИЛХАРМОНИЈА Вработените не сакаат незаконски поставен директор

Според соопштението на синдикатот, Имери не ги доставил сите потребни документи при аплицирањето, со што, како што тврдат, не ги исполнил условите од Законот за култура и од конкурсот. Наместо да биде дисквалификуван, тој бил избран врз основа на „политички договор меѓу ВЛЕН и ДМПНЕ“, се вели во реакцијата.

1,868

Вработените во Македонската филхармонија најавија протест и прекин на работата, откако министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, го назначи Мустафа Имери за нов директор на институцијата. Синдикатот на Филхармонија обвинува дека назначувањето е незаконско и дека процесот бил нетранспарентен.

Според соопштението на синдикатот, Имери не ги доставил сите потребни документи при аплицирањето, со што, како што тврдат, не ги исполнил условите од Законот за култура и од конкурсот. Наместо да биде дисквалификуван, тој бил избран врз основа на „политички договор меѓу ВЛЕН и ДМПНЕ“, се вели во реакцијата.






„Министерот Љутков донесе политичка, наместо правно издржана одлука. Наместо да го дисквалификува, реши на незаконски начин да го назначи за директор кандидатот кој не ги исполнува условите“, стои во соопштението.

Синдикатот најави дека ќе поднесе кривична пријава против министерот и инсистира на поништување на одлуката.

Од Филхармонијата нагласуваат дека нивниот протест не е етнички мотивиран и дека единствено барале транспарентен и законски процес. Тие посочуваат дека дел од албанските медиуми уште вчера, пред официјалното соопштение, објавиле дека „Македонската филхармонија првпат ќе добие директор Албанец“.

„Ги осудуваме сите изјави со националистичка позадина. Нас не нè интересира етничката припадност, туку капацитетот и способноста на идниот директор“, се вели во реакцијата.

И покрај најавените протести, од Филхармонијата информираа дека хуманитарниот концерт „Без зборови“, закажан за утревечер, ќе се одржи како планирано. Средствата од концертот ќе бидат донирани во фондот за настраданите во трагедијата во Кочани.

„Непочитувањето на законите и носењето погрешни одлуки во минатото веќе не чинеа прескапо. Оваа власт очигледно нема интерес да учи од грешките“, порачуваат вработените.

Тие додаваат дека нема да дозволат Македонската филхармонија, како најстарата институција во културата, да стане „уште една жртва на трулиот државен систем кој не почитува закони и промовира непрофесионалност“.

Поврзани содржини