ПЕРФОРМАНСОТ „WEAVING“ ВЕЧЕРВА ВО МКЦ Инспириран е од традицијата на плетење коса и машкото оро „Тешкото“
тората изведба перформансот ќе ја има на трети октомври во 21:30 часот во Културно-информативниот центар во Битола. Претставата е во продукција на Танц Бункер – Платформа за независен танц.
Совремниот танцов перформанс „WEAVING“, на авторките и кореографки Адријана Данчевска-Ровчанин и Александра Петрушевска, ќе биде изведен вечерва, во 21 часот во Дансинг салата на МКЦ во Скопје. Втората изведба перформансот ќе ја има на трети октомври во 21:30 часот во Културно-информативниот центар во Битола. Претставата е во продукција на Танц Бункер – Платформа за независен танц.
„WEAVING“ е дијалог меѓу две кореографски перспективи, во кој физичките и музичките форми се среќаваат, повторуваат, разградуваат и повторно се обликуваат. Како појдовна точка, авторките земаат ритуални обичаи од македонското културно наследство – традицијата на плетење коса и машкото оро „Тешкото“ – кои во претставата се реконтекстуализираат и фрагментираат, при што отвараат поинакво читање низ телото, неговите односи и присуството во просторот.
Претставата ја брише границата помеѓу современиот танцов перформанс и концерт, изведени во живо, поврзувајќи ги движењето, звукот и непосредното присуство на изведувачите. Низ ритуалите на секојдневните навики, како танцување, слушање, одмор и траење, делото ги истражува односите меѓу телата и нивната поврзаност, но и редефинирање и ослободување од структурите што самите ги создаваат.
Погледите, копнежот, колебањето и желбата за преобразба се дел од поттекстот на „WEAVING“, додека музичкиот слој е изграден преку деконструирани ритмички секвенци, тапани во живо и синтисајзерски звуци. Во таа поставеност, претставата се развива околу идејата за заедништво и истовремената потреба за промена одвнатре.
Перформансот е структуриран во два дела, создадени низ авторските перспективи на Данчевска-Ровчанин и Петрушевска. Во изведбата учествуваат Нина Петрушевска, Тереза Лазарев, Александра Петрушевска и Адријана Данчевска-Ровчанин, а музиката во живо ја изведуваат Александар Гроздановски на синтисајзери и Дарио Циевски на тапани. Дизајнот на сцена и костимографијата се на Ивана Мојсовска Головски, додека видеото и фотографијата се на Марко Маријановиќ.
Проектот е финансиран во рамки на Националната програма на Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.