ОВА Е ФЕМИНИСТИЧКА, А НЕ ЖЕНСКА ИЗЛОЖБА „Фемина 8“ ги поврзува женското искуство, политичкото тело и борбата против нееднаквоста

„Фемина 8“ во „Мала станица“ ја претставува уметноста како простор за преиспитување на патријархалните структури и општествената нееднаквост. Посебно внимание им се посветува и на различните облици на културен труд што традиционално го извршуваат жените – везењето, плетењето, ткаењето, хеклањето и предењето.

0

Во мултимедијалниот центар „Мала станица“ при Националната галерија вчера (12 ноември) беше отворена изложбата „Фемина 8: Женска книга, феминистичко писмо, политичко тело“, која обединува седум феминистички уметнички позиции на уметнички од Македонија: Кристина Божурска, Лилјана Ѓузелова, Зорица Зафировска, Ана Лазаревска, Јана Манева-Чупоска, Шќипе Мехмети и Виолета Чаповска.

Покрај нивните дела, „Фемина 8“ ја претставува и нестабилната феминистичка микроархива на кураторката Сузана Милевска, која опфаќа постери, текстови, уметнички книги, фотографии, документи и видеоматеријали поврзани со феминистички уметнички проекти. Организатор е Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ), во рамките на одбележувањето на 80-годишнината од неговото постоење.






Она што го издвојува овој проект е јасната разлика меѓу „женска“ и „феминистичка“ изложба. Иако сите уметнички што учествуваат се жени, проектот не го третира родот како заеднички идентитет ниту како тема на изложбата. Феминизмот тука се разбира како политичка позиција и личен избор: како посветеност на преиспитувањето и оспорувањето на структурите што создаваат и одржуваат нееднаквост, но и на создавањето услови за рамноправно учество во општествениот, културниот, политичкиот и економскиот живот.

Оттука, „женската книга“ не подразбира вродено или суштинско „женско пишување“ или „женско писмо“. Напротив, терминот упатува на феминистичко писмо, засновано врз дејствувањето и личната автономија – политичка практика на преиспитување и одучување од наследените начини на изразување и дејствување.

Изложбата ѝ е посветена на уметницата Лилјана Ѓузелова (1935–2018) и на нејзиниот долгогодишен истражувачки проект „Женска книга“, завршен во 2010 година.

Во концептот на изложбата е вклучена и идејата на теоретичарката Сара Ахмед за „феминистичката уништувачка на забави“ – фигурата што ги прекинува облиците на задоволство што зависат од нормализацијата на патријархалните односи. Наспроти тоа, „Фемина 8“ предлага поинаков вид задоволство, што произлегува од еднаквоста, солидарноста, грижата и заемното признавање. Изложбата ги слави солидарноста и „сестринството“, кои ги надминуваат етничките, класните, расните и сексуалните разлики, со акцент на грижата, меѓузависноста и соживотот меѓу различните родови и облици на живот.

Изложените дела и архивските материјали опфаќаат широк спектар феминистички теми. Посебно внимание им се посветува и на различните облици на културен труд што традиционално го извршуваат жените – везењето, плетењето, ткаењето, хеклањето и предењето. Овие практики историски биле маргинализирани во историјата на уметноста, и покрај нивната важна улога во пренесувањето на уметничкото и културното знаење.

Поставката вклучува сликарство, скулптура, фотографија, колаж, графика, цртеж, видео, звук, мултимедија, уметнички книги и перформанс, но и партиципативни практики, реконструкции на настани и феминистички активистички дизајн. Преку овие разновидни форми, изложбата ги поврзува уметничкото творештво, феминистичкото истражување, архивската меморија и политичкото промислување.

„Фемина 8“ е деветто издание на долгорочниот изложбен проект инициран во 2015 година од уметницата и кураторка Јана Манева-Чупоска, актуелна претседателка на ДЛУМ. Изданието во 2026 година за првпат го курира д-р Сузана Милевска и се реализира во рамките на програмата по повод 80-годишнината од основањето на Друштвото.

Покрај изложбата, до 23 ноември во „Мала станица“ ќе се одржува и придружна јавна програма со две панел-дискусии, три предавања и видеопроекции. Денеска, 13 ноември, во 18 часот е предвидена дискусија со учесничките на изложбата. На 14, 15 и 16 ноември, исто така во 18 часот, д-р Сузана Милевска ќе одржи три предавања под наслов „Краток речник на феминизам и уметност“. Втората панел-дискусија, на 22 ноември, ќе биде посветена на улогата и моќта на соработката меѓу уметноста и феминистичкиот активизам.

Поврзани содржини