ТРИ ДЕЦЕНИИ МУЗИКА СОБРАНИ ВО ЕДНА КНИГА Од првиот настап до денес, „Суперхикс“ ја раскажуваат својата приказна

„Суперхикс – Хроника на една гласна иронија“ на Тошо Филиповски ја документира историјата на бендот од првиот настап во 1994 година до денес. Промоцијата на монографијата ќе се одржи утревечер (13 ноември) во Скопје.

1

Повеќе од 30 години концерти, песни, турнеи и спомени се собрани на речиси 400 страници во монографијата „Суперхикс – Хроника на една гласна иронија“, чија

Македонскиот бенд „Суперхикс“ на 13 ноември ќе ја промовира монографијата посветена на нивната музичка историја. Книгата е дело на музичкиот публицист Тошо Филиповски и опфаќа период од 1994 година до денес. На околу 400 страници се документирани музичкото творештво, настапите и случувањата што го одбележале патот на групата.






Приказната почнува на 3 март 1994 година, кога „Суперхикс“ го имаа првиот настап во скопскиот клуб „Доорс“ во Дебар Маало. Бендот го формираа тројца средношколски другари – Петар Младеновски, Зоран Жежов и Борис Минов. Она што започна како гаражен панк-рок со примеси на ска и гранџ, со текот на годините прерасна во препознатлив звук во кој се испреплетуваат ска, панк, реге, латино, свинг и балкански музички влијанија.

Во текот на трите децении, низ групата поминаа повеќе музичари, а нејзиниот состав се менува и развива. Во интервју по повод 30-годишнината, фронтменот Петар Младеновски раскажа дека првиот настап бил документиран во неговиот младешки дневник, во кој ги запишувал концертите, изведените песни и впечатоците од музичките настани. Токму ваквите спомени и детали се дел од приказната што ја носи монографијата.

Промоцијата ќе се одржи во кафе-барот „Ван Гог“, со почеток во 20 часот. Публиката ќе има можност да слушне разговор со авторот Тошо Филиповски и членовите на „Суперхикс“, кои ќе раскажат за настаните и искуствата од долгогодишната кариера. Најавен е и краток акустичен настап на бендот.

Книгата ќе може да се купи на самото место по специјална промотивна цена, а посетителите ќе можат да добијат и потпишан примерок. За вечерта е подготвена и нова серија маици на „Суперхикс“.

Поврзани содржини