БРУС ВИЛИС СÈ ПОВЕЌЕ СЕ ПОВЛЕКУВА ВО СВОЈОТ СВЕТ Разорната деменција го довела актерот во состојба како бебе, холивудските пријатели сè поретко го посетуваат
Според наводи на извор близок до актерот, неговата ментална состојба значително се влошила, а некогашните холивудски пријатели сè поретко го посетуваат. Сепак, семејството, останува покрај него.
Брус Вилис (71), ѕвездата на „Умри машки“, се соочува со сè потешки последици од фронтотемпоралната деменција, болест која му беше дијагностицирана во февруари 2023 година. Најновите информации за неговата состојба ги објави „Дејли мејл“, повикувајќи се на неименуван извор близок до актерот.
Според изворот, Вилис „многу ментално назадувал“ и сè повеќе живее во свој свет. Иако физички изгледа здраво, неговото однесување наводно е значително променето. Изворот го опишал како човек кој понекогаш гледа во предметите со детска љубопитност, како првпат да ги забележува.
– Тој знае дека животот му е поинаков, но не мисли дека е толку различен. Не зборува многу за тоа и речиси и не се жали – тврди изворот. Според истиот извор, актерот е помирен и помалку зборлест отколку во времето кога бил полн со енергија.
Особено болен е наводот дека дел од неговите некогашни холивудски пријатели веќе не го посетуваат толку често.
– Штом ќе престанеш да работиш, сите тие славни пријатели те забораваат – тврди изворот, додавајќи дека во Холивуд наводно веќе се однесуваат како да заборавиле кој е Брус Вилис.
Вилис се повлече од актерството во 2022 година, откако му беше дијагностицирана афазија, нарушување што влијае врз говорот и комуникацијата. Една година подоцна, семејството соопшти дека состојбата напредувала и дека станува збор за фронтотемпорална деменција. Оваа болест ги зафаќа деловите од мозокот одговорни за однесувањето, личноста и јазичните способности.
Неговата сопруга Ема Хеминг, поранешната сопруга Деми Мур и петте ќерки се меѓу најблиските луѓе кои му даваат поддршка. Ема претходно откри дека семејството донело тешка одлука Брус да живее во посебен, приспособен дом со постојана професионална грижа, за да може и тој да има соодветна нега, а нивните две помали ќерки да продолжат да растат во семејниот дом.
Во септември Ема зборуваше за постојаната тага со која живее семејството, но нагласи дека Брус и понатаму ја препознава и дека меѓу нив постои блискост. Таа повеќепати потсетуваше дека фронтотемпоралната деменција не е исто што и Алцхајмеровата болест и дека болеста постепено им одзема делови од личноста на луѓето што ги сакаме.