БОСНА ДРАМАТИЧНО ГИ ЗАЛАДУВА ОДНОСИТЕ СО СРБИЈА Сараево ќе ги повлече вработените во амбасадата во Белград
Да можев, веднаш би ги прекинал дипломатските односи со Србија, рече денеска босанскиот министер за надворешни работи Елмедин Конаковиќ, по постапките на Србија по смртта на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ.
Босанскиот министер за надворешни работи Елмедин Конаковиќ најави дека ќе ги повлече сите вработени од Амбасадата на Босна и Херцеговина во Белград, освен амбасадорот и конзулот, со цел да ги сведе односите со Србија на минимум поради постапките на државата по смртта на осудениот воен злосторник и поранешен командант на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ.
На прес-конференција во Сараево Конаковиќ рече дека нема овластување да ги повлече амбасадорот и конзулот, бидејќи тие се назначени од Државното претседателство, но дека ќе ги повлече другите вработени, чии должности ќе ги извршуваат вработените во амбасадите на БиХ во Црна Гора и во Хрватска.
– Да можев, веднаш би ги прекинал дипломатските односи со Србија. Што можам да направам: Ќе работам на намалување на односите на минимум. Ќе негирам, ќе ја намалам целата комуникација со нив. Ќе ги повлечеме сите луѓе што можеме да ги повлечеме, ќе ги префрлиме конзуларните работи во Загреб и во Подгорица – изјави тој.
Според него, кулминацијата на величењето на лице осудено за воени злосторства била синоќа на фудбалскиот натпревар меѓу Црвена звезда и Партизан со пораката „Правац Поточари“, додавајќи дека тоа е „последен аларм“.
Хашкиот осуденик Ратко Младиќ беше погребан денеска во семејната гробница на гробиштата Топчидер во Белград со црковни обреди и воени почести, а меѓу илјадниците луѓе во погребната поворка беа и некои министри на српската влада и функционери на Република Српска. Според извештаите и снимките од белградските медиуми, беа видени бројни сегашни и поранешни функционери на Србија и Република Српска, меѓу кои и српските министри за правда Ненад Вујиќ, министерот за култура Никола Селаковиќ, за одбрана Братислав Гашиќ, за локална самоуправа Дарко Глишиќ, поранешниот претседател на Република Српска Милорад Додик, како и рускиот амбасадор Александар Боцан-Харченко.