📽️ „ДЕТЕТО“ НА КРАКАТАУ БЛУЕ ЛАВА И ПЕПЕЛ Индонезија одложи илјадници летови

Вулканот Анак Кракатау исфрли пепел до 15 километри, додека властите предупредуваат дека опасноста од нови ерупции останува висока.

27

„Детето“ на еден од најславните вулкани во историјата повторно ја покажа својата сила. Анак Кракатау исфрла лава и огромни количества пепел. Вулканот го наруши воздушниот сообраќај низ Индонезија и остави стотици илјади патници со неизвесни планови.

Најновите официјални податоци покажуваат уште поголем хаос од првичните процени. Околу 341.000 патници се погодени од одложувањето, пренасочувањето или откажувањето на 2.961 лет, јави Ројтерс. Седум аеродроми останаа затворени, меѓу нив и два што го опслужуваат главниот град Џакарта.






Меѓународниот аеродром Соекарно-Хата во Џакарта го продолжи затворањето до 23.59 часот во понеделник. Истото важи и за уште 6 аеродроми.

Властите ја следат пепелта и ги чистат пистите. Авиокомпаниите, пак, мора да ги подготват авионите пред повторното воспоставување на сообраќајот.

Пепелта се крена до 15 километри

Анак Кракатау почна да еруптира доцна во петокот. Ноќното небо го осветлија фонтани од лава, а пепелта стигна и до Џакарта.

На страната кон Јава, облакот достигна височина до 6 километри. Кон Суматра и во делови од Бантен, пепелта се крена до 15 километри.

Геолошките власти предупредија дека веројатноста за нови ерупции останува висока. Последната регистрирана ерупција беше во неделата во 20.23 часот.

Луѓето не смеат да се приближуваат на помалку од 3 километри од активниот кратер. Истата забрана важи и за бродовите во теснецот Сунда.

Засега нема непосредна опасност од цунами.

 

Патниците чекаат, пепелта не попушта

Терминалите во Џакарта се наполнија со патници кои бараат нови летови и информации. Некои спиеја на клупите додека чекаа да дознаат кога ќе продолжи сообраќајот.

Фина требаше да се врати од Маланг во Џакарта. Наместо со авион, на крајот патуваше цела ноќ со 2 меѓуградски воза.

– Беше многу преполно бидејќи патниците од утринските летови се натрупаа, додека оние закажани за подоцнежни заминувања сè уште не знаеја што ќе се случи – изјави таа за Би-Би-Си.

Пар од Малезија доби уште понепријатна вест. По еднонеделниот меден месец на Бали, им кажаа дека следниот лет за Куала Лумпур е дури на 11 септември.

– Што ќе правиме тука уште 5 дена? Подготвивме доволно пари само за нашиот меден месец – изјави Амир Хамза за Бернама.

Од катастрофата се роди „Детето“

Името Анак Кракатау буквално значи „Дете на Кракатау“. Вулканот почна да се издигнува од морето пред околу 1 век. Се појави во областа што ја зафаќаше неговиот прочуен претходник, Кракатау.

Токму тука се враќа приказната во 1883 година. Кракатау тогаш доживеа катастрофална серија ерупции. Голем дел од вулканот беше уништен, а експлозиите предизвикаа разорни цунами. Загинаа повеќе од 36.000 луѓе.

Анак Кракатау подоцна израсна од истата вулканска област. Неговата сопствена историја веќе има трагична страница. Дел од вулканот се урна во декември 2018 година и предизвика цунами. Загинаа повеќе од 400 луѓе на бреговите на Јава и на Суматра.

Поврзани содржини