Апел од Охрид: Ред пред супермаркетите, а не редици на наплатните каси!

„Кина се спаси само поради строгиот режим. Наречете го тоа и диктатура, но ако е таа функционална во кризно доба, во овој темен час (Черчил), тогаш сум за диктатура, а не за башибозук!“, пишува новинарот Веле Митановски.

5,191

Познатиот охридски новинар Веле Митановски упати апел до претседателот Стево Пендаровски. Го пренесуваме во целост:

Почитуван претседателе, драг Стево: Овде и ваднаш – најстрог режим, шатори, војска и полиција пред супермаркетите!?






Живеам на Туристичкиот булевар, во првата соседна зграда, каде што е супермаркетот на еден познат синџир – фирма од Скопје. Тука и се снабдувам со прехрамбени намирници. Вчера, на пат за моето Црвена Вода, влегов да купам леб. Влегов и веднаш излегов!

Речиси до вчера го молевме персоналот да пуштат и втора каса. Работеа, обично, на една, за другите вработени да можат да се користат за разместување артикли по рафтовите, или пак за предвремено заметување на подот – пред да затворат, тука низ нашите нозе!

Вчера (така е и денеска!), без никој да ги моли – поставиле 4 каси и зад нив 4 долги и густо набиени редици! Полни корпи – човек до човек!? Обично постари и во средна возраст! Народот купува, се полнат домашните резерви!

Каде е кризната состојба? Дебар и Жупа ни се првото соседство! Од Италија и натаму и пристигнуваат наши – блиски, или подалечни, кои ниту кажуваат, ниту, пак, одат во 14-дневна самоизолација. Ова ви го говорам од лично искуство (познаство).

Не гушкаат , за да ни покажат колку не сакаат!? Веќе знаете што се случи во Дебар и Центар Жупа. Претседателот Пендароски таму прогласи кризна состојба.

Почитуван претседателе, драг Стево. Веднаш прогласете вонредна состојба на целата територија во земјата. Војската и полицијата, наместо во касарните – нека застанат пред минимаркетите! Делува чудно, некому смешно, некој ќе ми забележи, но нека му биде – кој како милува!
Пред секој минимаркет – шатор и цврста дисциплина. Кога не можеме, не сакаме сами да се самодисциплинираме, државата има и право и обврска да не дисциплинира. Нам не ни доага умот со арно. Слободно, без мерка, без размисла нагрнуваме на минимаркетите!

Продавачките навистина носат маски и ракавици, но не носи никој од нас – купувачите!

Не сакам да ширам паника, само предупредувам. Го пренесувам она што го гледам, тука кај нас, а гледам и слики од Италија, Шпанија…

Да учиме и од туѓите грешки, но да постапуваме и по туѓите позитивни примери. Кина се спаси само поради строгиот режим. Наречете го тоа и диктатура, но ако е таа функционална во кризно доба, во овој темен час (Черчил), тогаш сум за диктатура, а не за башибозук!

Фотографија: Веле Митановски

 

Поврзани содржини