Корона и солидарноста во ЕУ
ЕУ-членките Франција, Германија и Чешка го запреа извозот на медицинска заштитна опрема. Кога најлошо погодената земја, Италија, побара помош со маски за дишење и друга потребна опрема, никој директно од ЕУ-членките не ја испужи раката за да им помогне на Италијанците во тешкиот миг.
Новата пандемија со незапирливо ширење на корона вирусот е глобална закана која не познава никакви граници. Но наместо да ја зајакне соработката, го засилува национализмот. Во рамки на ЕУ солидарноста е веќе доведена во прашање, и како што моментно изгледа тешко дека ќе биде одржлива.
Еден од најважните региони во ЕУ секако е Скандинавија. Соработката меѓу скандинавските земји, позната како нордиска соработка, е најстара регионална соработка од таков вид во светот. Традиционалното нордиско заедништво се темели врз заложбите за силна позиција на Нордискиот регион во светот, како еден од најиновативните и најконкуретни региони, и се смета за важен дел од европската и глобалната соработка.
Во минатата година премиерите на нордиските земји поставија цел со заеднички напори да работат нивниот регион во 2030 година да биде најинтегриран и најодржлив, не само во Унијата, туку во светски рамки.
Но ширењето на корона мошне брзо предизвика психолошки ефекти со кои делумно се потиснува цврстата определба за јакнење на солидарноста, како во Нордискиот регион, така и пошироко во ЕУ. Данска и Полска, на пример, во саботата ги спуштија рампите и ги затворија своите граници кон Шведска. Швеѓаните се сега спречени да патуваат во соседна Данска, доколку немаат некоја „прифатлива“ причина за тоа. Без предупредување од страна на Владата, крај данските гранични премини се распоредени војска и полиција за да го спречат ширењето на вирусот.
И Норвешка преку своето МНР издаде соопштение со препорака за воздржување од сите патувања во странство, доколку не се крајно неопходни. Истата препорака се однесува и на фрекфентниот малограничен промет на шведско-норвешката граница.
Со такви драстични мерки на ограничување на движењето, психолошките ефекти и реакции се неизбежни.
„Мерките да се спречат патувањата не се засновуваат врз научни податоци“, соопшти Данскиот државен орган за народно здравје. Затворањето на границите не го препорачува ниту Светската здравствена организација, СЗО. А и претседателката на Европската комисија, Урсула ван дер Лејен, децидно ги одвраќа земјите-членки од такви мерки.
Не постои никаква посебна документација за мерки поврзани со затворање на државните граници, освен ако не станува збор за островска земја. Токму затоа, шведскиот државен епидемиолог Андерс Тегнел, како што пренесе данскиот весник „Јиландс-Постен“, одлуката за затворање на данските граници ја нарече „потоплно бесмислена“.
Сепак, затворањето на границите е факт, се случува во една унија и меѓу земји што имале долга и блиска соработка и потпишале договор за слободно движење на луѓе и стоки. Но сега соработката во ЕУ делумно престана да функционира.
ЕУ-членките Франција, Германија и Чешка го запреа извозот на медицинска заштитна опрема. Кога најлошо погодената земја, Италија, побара помош со маски за дишење и друга потребна опрема, никој директно од ЕУ-членките не ја испужи раката за да им помогне на Италијанците во тешкиот миг.
Затворањето на границите и училиштата, како што многумина оценуваат, е проследено со високи загуби за земјите и нивните државни финансии. Трговијата се редуцира, економијата осиромашува, луѓето не можат да ги извршуваат своите работни задачи, транспортите и движењата се делумно парализирани.
Оттаму и се наметнува прашањето зошто владите преземаат такви силни мерки, кои се во добар дел во спротивност со она на што се обврзале во својот мандат, како и со препораките на експертите во пошироката јавност.
Можен одговор би бил дека владите, се разбира, не само во ЕУ, се борат да ја задржат довербата меѓу граѓаните и компаниите. Целта е да покажат решителност за акција и дека се подготвени да силно да ги потпираат темелите на општеството. Подготвени се, всушност, да направат што било само за да создадат сигурност и безбедност, да ја намалат напнатоста што ја бранува јавноста. Поентата би требала да биде дека луѓето, доколку и понатаму имаат доверба во државниот врв, продолжуваат да ги следат владините совети и препораки.
Но, доколку драстичните мерки што ги донесуваат владите не помогнат според очекувањата, тогаш се засилува ризикот политичката цена да биде – мошне висока.
Пред сè поради штетата што ја трпи соработката во ЕУ, во која веќе се јавија сериозни пукнатини.