АМЕРИКА ВОВЕДЕ НОВИ УВОЗНИ ДАВАЧКИ ЗА ПОЛИСИЛИЦИУМОТ Материјалот е клучен за производство на соларни панели и полупроводници

Целта е да се заштитат домашните производители од евтината странска конкуренција.

0

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп воведе нови увозни давачки за полисилициумот, материјал што е клучен за производство на соларни панели и полупроводници, за да ги заштити домашните производители од евтината странска конкуренција.

Трамп синоќа потпиша претседателска прокламација со која се утврдуваат минимални увозни цени за полисилициумот и сродните полупроизводи, како и царина од 15 отсто за производите изработени од такви материјали. Мерките треба да стапат во сила 120 дена по потпишувањето на наредбата.






Администрацијата мерките ги опиша како „неопходни“ бидејќи, како што се наведува, увозот на полисилициум претставува закана за националната безбедност. Вашингтон се повикува на членот 232 од Законот за проширување на трговијата од 1962 година, што Трамп и претходно го искористи за воведување царини за увоз на челик, алуминиум и автомобили.

Полисилициумот се користи во соларната индустрија, но и во производството на компјутерски чипови. Високопрочистениот материјал го произведуваат компании како германски „Вакер Кеми“, која има фабрика во американската сојузна држава Тенеси. Се очекува од мерките да има корист и „Хемлок Семикондактор“, заедничка компанија на американскиот „Корнинг“ и јапонскиот „Шин-Ецу Хандотаи“. И двете компании со години се соочуваат со конкуренција од кинеските производители кои нудат пониски цени.

Кина ги критикуваше планираните мерки. Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Лин Џијан, во средата го обвини Вашингтон за прешироко толкување на концептот на националната безбедност и за користење на државната моќ против кинески компании.

– Протекционизмот нема да ја направи американската економија поконкурентна, туку ќе ја наруши нормалната трговија и ќе им наштети на американските компании и потрошувачи – изјави Лин, додавајќи дека Пекинг ќе продолжи да ги штити правата и интересите на кинеските компании.

Поврзани содржини