АЛЕК ТЕРАНОВА ДОЈДЕ КАЈ МЕНЕ ПО НАЛОГ НА ГРУЕВСКИ Сведочеше и адвокатот Марков
По вкрстеното испитување во кое Мијалков бараше одговор од адвокатот дали нешто било потпишано во адвокатската канцеларија, Марков повтори дека не бил ставен никаков потпис.
Адвокатот Серјожа Марков во своето сведочење денеска во случајот „Плацеви на Водно“ раскажа како течела постапката за основање на компанијата „Сирах инжинеринг“. Тој рече дека Александар Ивановски, познат како Алек Теранова, дошол во неговата канцеларија без никакви документи и го информирал дека фирмата која треба да се формира е странска компанија, дека управител треба да биде Ристо Новачевски, дека е пратен од премиерот и дека целата постапка ја работи за него, односно за Никола Груевски.
Тој рече дека Ивановски му кажал дека Новачевски му бил кум на Груевски. Адвокатот објасни дека тој ден ништо не било потпишано во адвокатската канцеларија затоа што тоа е работа на нотарите.
– Кој ги плати услугите за регистрација на правното лице? – го праша обвинителката Лиле Стефанова.
Адвокатот рече дека неговите услуги биле бесплатни, но дека го замолил Ивановски да ги плати трошоците за превод и нотарските трошоци.
– Мислам дека кај нотарот веднаш ги платиле, а трошоците за преводот бидејќи не беа платени, јас дадов налог да ги плати адвокатската канцеларија – рече тој.
На прашање на обвинителката кој е авторитетот на кој се повикувал Ивановски, адвокатот одговори: Никола Груевски.
По вкрстеното испитување во кое Мијалков бараше одговор од адвокатот дали нешто било потпишано во адвокатската канцеларија, Марков повтори дека не бил ставен никаков потпис. Со сослушување на овој сведок заврши денешното рочиште. Следното е закажано за 11 ноември.