ЈАКИМОВСКИ БАРА ЃОРЃИЕВСКИ ДА ГИ ВРАЗУМИ МИНИСТРИТЕ Карпош ќе излезе од ЗЕЛС затоа што Владата ѝ врши притисок на Општината
Градоначалникот Јакимовски вели дека ЗЕЛС е обичен партиски комитет на ВМРО-ДПМНЕ и нема никаква врска со идеите и развојот на локалната самоуправа, а Орце Ѓорѓиевски е обична фигура, па затоа го повикува ЗЕЛС да го корегираат нивниот однос или ќе ја напуштиат организацијата.
Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски денеска повтори дека ќе го напушти ЗЕЛС доколку претседателот Орце Ѓорѓиевски немо ја следи целата ситуација и не преземе чекори за вразумување на министрите бидејќи се врши, како што рече, континуиран притисок врз Општината. Јакимовски најави дека со Ѓорѓиевски ќе разговара од понеделник.
Во изјава за медиумите дадена пред седиштето на Општина Карпош, Јакимовски рече дека неговата намера за напуштање на ЗЕЛС не била сфатена сериозно.
– ЗЕЛС е обичен партиски комитет на ВМРО-ДПМНЕ и нема никаква врска со идеите и развојот на локалната самоуправа. Ова покажува дека Орце Ѓорѓиевски е обична фигура на чело на ЗЕЛС, а дека целата политика ја креира неговата партија и составот на Извршниот и Надзорниот одбор на ЗЕЛС, креирана од Христијан Мицкоски. Тоа се причини повеќе да укажеме дека или ќе го корегираат нивниот однос или ќе го напуштиме ЗЕЛС – рече Јакимовски.
Тој им порача на министрите дека мора да си ја вршат работата согласно закон, без разлика дали им се допаѓа Општина Карпош или не.
Јакимовски и вчера најави дека ќе ја напушти ЗЕЛС и посочи дека дел од министрите во Владата треба да го корегираат својот однос кон градоначалниците.
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски по најавите за излегување на Струмица и Карпош од ЗЕЛС вчера изјави дека се надева оти ќе надвладее разумот и градоначалниците на двете општини ќе ја преиспитаат одлуката. Како што вчера изјави Ѓорѓиевски, одлука за напуштање на ЗЕЛС носи Советот на општината.
– Вратата од ЗЕЛС е отворена за сите, секој проблем се решава, доколку има интерес и доколку не се крие нешто друго во позадина на овој процес. Стојам на располагање како и досега за сите мои колеги, верувам дека разумно ќе постапат и верувам дека можеби ова е моментален начин на кој можеби сакаат и медиумски да добијат поголема достапност за одредени теми и поголема драма да направат, но длабоко сум уверен дека ќе размислат во интерес на граѓаните – рече Ѓорѓиевски.
Министерот за локална самоуправа Златко Перински по најавите за напуштање вчера исјави дека ЗЕЛС е единствената асоцијација на единиците на локалната самоуправа која што има мандат да ги застапува нивните интереси пред Владата.
– Ваквото однесување сериозно ја нарушува позицијата на ЗЕЛС, затоа што само единствен ЗЕЛС може да биде сериозен партнер на Владата во разговорите за унапредување на системот на локалната самоуправа и на развојот на општините, зад што оваа Влада застана многу отворено и јасно и преку конкретни решенија тоа веќе го потврдуваме – изјави Перински.
Од Општина Струмица вчера официјално соопштија дека се откажуваат од членството во ЗЕЛС, а градоначалникот Костадин Костадинов ќе поднесе оставка на функцијата член на Управниот одбор. Напуштањето на ЗЕЛС, како што информираа, е во знак на револт заради индиферентниот однос кон Струмица и нејзините граѓани во периодот кога тие се соочуваат со еден од најголемите предизвици – водата за пиење, која е основен елемент на животот. Втората причина е одбивањето на единствениот проект од Струмица за реализација со пари од унгарскиот кредит.
Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски денеска рече дека законска обврска на локалната самоуправа е да обезбеди вода за пиење за граѓаните. Нашата интенција, вели Трипуновски, беше да помогнеме затоа што видовме дека локалната самоуправа не успеа да го изменаџира процесот. Трипуновски рече дека во целата ситуација нема никаква политика од Владата.
– Согласно законите, обврска на локалната самоуправа е водата што ја добива во филтер станицата да ја доведе во фаза на питкост за да ја дистрибуира до граѓаните и тука не сакам да вметнувам политика. Нашата интенција беше да се ставиме на располагање бидејќи гледавме дека локалната самоуправа слабо го менаџираше тој процес и тоа беше практично целата наша активност. Тоа што градоначалникот на Струмица и сите претходни градоначалници не инвестирале доволно во филтер станицата говори за нивното работење во минатото. Не е одговорноста на Владата, одговорноста е на локалната самоуправа – рече денеска Трипуновски.